Филипините ги бркаат американските војници

На 11ти февруари оваа година владата на Филипините, на чело со Дуерте, ги извести САД дека го прекинува „Договорот за престој на воени сили“ (VFA – Visiting Forces Agreement). 

Договорот, кој стапи на сила во 1999 беше последен од низа договори и воена „соработка“ помеѓу САД и нејзиниот de jure поранешен (а de facto сеуште) протекторат. Со договорот се уредува престојот на силите на армијата на САД на суверената територија на Филипините. Иако 180 дневниот процес во кој договорот сеуште важи е започнат, постојат уште технички етапи кои треба да се поминат за да се отстрани присуството на американските војници од островската земја. Но, барем декларативно, сојузот на Филипините и САД останува и сеуште постои простор процесот да се запре или, поверојатно, да се постигне дополнителен нов договор.

Ова е уште еден знак за заладувањето на односите на Филипините со САД и нивно дипломатско-економско-воено приближување до НР Кина. Очекувањата на експертите за надворешна политика од Вашингтон се, доколку раскинувањето на договорот се спроведе во целост, резултатот да биде намалувње на „влијанието“ на САД во пацифичка Азија и поголема поларизација во кинеско-американските односи.

Земјите од Азија, но и светот, се почесто се ставени во ситуација да бираат помеѓу соработка со Кина или САД, во што се повеќе од нив ја бираат новата светска сила поради нејзиниот принцип на „мека моќ“ наместо американското силеџиство и соработка базирана на заеднички интереси наместо диктатот наметнат од империјализмот.

Реакцијата на американскиот претседател Трамп по повод известувањето за прекин на договорот беше „Ви благодарам. Вака ќе заштедиме многу.“.