АктуелноИнтернационално

Русија и Кина ќе ја зајакнат трговијата во рубљи и јуани на штета на американскиот долар

Москва и Пекинг склучија меѓувладина спогодба според која нивната билатерална трговија ќе се префрли на националните валути, кинескиот јуан (CNH) и руската рубља (RUB). Ова воедно претставува чекор кон оддалечување од американскиот долар.

Документот бил потпишан од рускиот министер за финансии Антон Силуанов и шефот на Народната банка на Кина, Ји Ганг, на почетокот на јуни. Во извештајот се вели дека договорот е прв практичен чекор за двете држави да се префрлат на националните валути во меѓусебни плаќања.

Москва и Пекинг во моментов развиваат нови механизми за прекугранични плаќања кои се однесуваат на меѓусебната трговска размена на двете земји. Друга цел на овие механизми е и намалување на влијанието на доларот и избегнување на санкциите иницирани од САД. 

Овој механизам на плаќања во национални валути ќе се развива до следната година. На почетокот ќе го употребуваат поголемите компании со државно учество од сектори како што се енергетиката и земјоделството. Исплатата на јуан-рубља ќе се извршува и на постоечките договори кои моментално се плаќаат со долари.

Кина е најголемиот трговски партнер во Русија, со билатерална трговија поголема од 107 милијарди американски долари. Двете страни планираат да го удвојат тековниот трговски обем во следните неколку години. 

Ваквите чекори беа наговестени уште од минатогодишната посета на рускиот премиер Димитриј Медведев во Кина. Таму беше утврдено дека двете нации разговарале за започнување на нов прекуграничен систем за директно плаќање на трговските трансакции помеѓу двете земји во националните валути јуан и рубља. Медведев тогаш јасно ставил до знаење дека иницијативата за ваквиот платежен систем е обид да се оддалечи од сегашниот финансиски систем во кој доминира доларот. 

Освен Кина и Русија, голем број други земји имаат за цел да ја намалат нивната зависност од американскиот долар. Пред сѐ бидејќи Вашингтон го користи пристапот до системот за плаќање на доларот како оружје за да казни одредени нации и поединци за кршење на американските закони, дури и надвор од територијата на САД. Во оваа насока беше и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, на самитот Г20 на моќните економии во Јапонија, каде ги повика петте големи нови економски сили – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка – познати како БРИКС, да ги забрзаат своите напори за развој на систем што може да ја замени сегашната форма на плаќања, доминирана од американскиот долар. 

„Соработката во смисла на развој на употребата на нашите национални валути во меѓународните зделки се чини многу ветувачка“, изјави Путин додека беше во Осака на состанокот на БРИКС. 

Засегнати земји како Иран и Венецуела,  како и Русија и Кина, поради санкциите на САД во текот на изминатите години, исто така повикаа на употребата на националните валути во глобалната трговија. Заменик министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, изјави дека постои потреба меѓународната заедница „да се соочи со оваа погрешна навика на САД во користење на моќта на доларот како оружје против независните земји“.