АктуелноЛокалноСтав

Еуромакс никогаш повеќе нема да стапнат на планината Огражден

НЕМА ВЕЌЕ ВРАЌАЊЕ НАЗАД!

Еуромакс Рисорсис никогаш повеќе нема да стапнат на планината Огражден. Никогаш повеќе нема да ископат ниту камче, нема повеќе да уништат ниту една тревка, нема да загадат ни една капка вода. Ќе ги пропуштиме само за да си ги соберат парталите, откако ќе им биде одземена концесијата за рудникот, и потоа ќе ги испратиме во неповрат. Отпосле може да истражуваат и археолози. Сега не може, бидејќи зад овој „проект“ на струмичкиот Завод за заштита на споменици се крие змија со три опашки. Ќе ѝ стапнеме на главата.

Колку да се нагласи: Ова не е блокада на археолошки испитувања – ова е БЛОКАДА НА РУДНИКОТ НА СМРТТА. Никогаш и не била друго. Конечна, цврста и непопустлива за никого. И Ќе трае до мигот кога ќе биде одземена концесијата, когаВладата ќе си го исполни ветувањето дека ќе го сопре рудникот. До тогаш – нема отстапка, ама по ниедна цена. За некакви преговори никој да не помислува. Нема враќање назад.

На Еуромакс Рисорсис повеќе не му треба ни обезбедување. Првите два дена од блокадата се обидоа да направат провокација, пуштајќи (т.е. фрлајќи ги в оган) по двајца недоветни од обезбедувањето, ѓоа да извршат смена на дежурства, токму во времето кога траеја блокадите. Видете, моравме да ги браниме, оти можеше да им се случи нешто многу лошо. Им дадовме и кафе, вториот пат им го задржавме возилото, како порака да не се обидуваат да провоцираат повторно. Оти, повеќе нема да ги браниме, ниту пак ќе сакаме да го правиме тоа. 

Денеска се обидоа со нова провокација: Чекале да заврши блокадата, во меѓувреме ги собрале работниците пред седиштето во Иловица, за да се упатат кон рудникот откако ќе заврши блокадата. Тоа е крајно опасна провокација. Или крајно глупава. Дошол директорот на Заводот да ги убедува луѓето дека тие имале обврски. Будала. Тој веднаш треба да поднесе оставка, едно заради основаните сомневања за корупциска заднина на „проектот“, а во служба на потенцијалниот гробар на Струмичката Котлина, а друго заради својата некомпетентност и неодговорност (во вжештена атмосфера), ставајќи се во служба на незаконски „концесионер“, кој нема никаква сопственост над локацијата. Концесијата му е истечена.

Имаме некакви индиции дека владата, наводно на 24 или 25 месецов треба да донесе конечна одлука за рудникот на смртта. Ќе ја почекаме. Во меѓувреме, блокадата ќе трае и ќе се засилува. Денес имаше најмногу луѓе досега. Масовноста ќе расте експоненцијално. Се најавуваат луѓе и од Скопје и од други градови кои сакаат да придонесат. (Струмичани ѓоа мудро седат мадро). Бизнисмени најавуваат секаква помош…Сакам да кажам дека морална поддршка не ни е потребна – ние си имаме висок морал уште од почеток. Најголемата морална поддршка ќе биде да дојдете на блокадите. 

Доколку нема одлука, блокадите не само што ќе продолжат, туку и ќе се прошират и интензивираат. Ќе го блокираме и седиштето на компанијата во Струмица, а веќе има доброволци од Скопје тоа да го направат и со централата на компанијата во главниот град. Ќе блокираме и регионални патишта, по потреба ќе ја блокираме и парализираме и Струмица и целата Котлина, а потоа и целиот Југоисток. Нема повеќе отстапки, нема повеќе враќање назад. Или ќе биде сопрен рудникот, или сите нас ќе треба да не соберат в затвор, или да не прегазат со багери. Од блокадите нема да отстапиме повеќе никогаш. За Владата, најпаметно е да биде со народот.

Оттука, последна порака до тукашниот менаџмент на Еуромакс: Ние знаеме дека вие не ја донесувате конечната одлука да се повлечете, а вие знаете дека ние никогаш нема да се повлечеме. Затоа, ви препорачуваме да испратите една куса порака до вашата централа: „Невозможно е да се гради рудник во оваа Котлина!“

Толку, потоа одете во мир, додека е мир. На провокации повеќе не помислувајте. На крајот, ние повторно ќе го пошумиме просторот на Огражден кој е девастиран, а на ридот ќе поставиме едно убаво еко-френдли спомен-одбележје, со отприлика ваква содржина: „Оваа Планина ја бранеа вашите татковци, дедовци, мајки, браќа и сестри – и ја одбранија. Ваша должност е и вие да ја браните“.

Готово е, сфатете.

Фејсбук статус на Крум Велков, активист против рудниците на смртта.