Ајатолах Али Хамнеи: Иранскиот народ наместо војна го бира отпорот
После провокациите на САД преку испраќање на воен брод – носач на авиони – заедно со единица воени авиони во Персискиот залив, врховниот лидер на Исламската Република Иран, ајатолахот Али Хамнеи во интервју за националната телевизија изјави дека „нема да има никаква војна со САД. Наместо тоа, иранскиот народ го избира патот на отпорот.”
Притоа, ајатолахот нагласи дека САД по секоја цена сака да го ослабни Иран и да му нанесе штета. Оттаму преговорите со сегашната администрација на САД ќе нанесат само штета на Републиката.
Потсетуваме дека САД, после доаѓањето на власт на Доналд Трамп, еднострано се повлече од Договорот кој Исламската Република Иран во 2015 година го склучи со групата П5+1 на светски сили, составена од САД, Велика Британија, Франција, Кина и Русија. Со овој Договор, Иран се согласи да ги ограничи своите нуклеарни активности и да им дозволи редовни инспекции на меѓународните инспектори во замена за укинување на економски санкции.
Во меѓувреме иранската новинска агенција ИСНА, повикувајки се на извори од Иранската агенција за атомска енергија, изјави дека од вчера (15-ти Мај) Исламската Република Иран и официјално го прекинува исполнувањето на поедини обврски кои произлегуваат од Договорот од кој САД еднострано се повлече. Претседателот на Исламската Република Иран, Хассан Рухани побара од останатите потписници на договорот во рок од 60 дена да ги исполнат обврските од постигнатиот консензус, во спротивно Иран ќе мора да ги заштити своите интереси преку обновување на капацитетите за збогатување со ураниум и модернизирање на нуклеарниот реактор за тешка вода во Арак.
Другите земји П5+1 кои учествуваа во споменатиот Договор го критикуваа едностраното повлекување на САД, како и ограничувањата кои од страна на САД еднострано се спроведуваат кон Техеран, и објавија дека тие се обврзани во почитувањето на нуклеарниот договор постигнат со Техеран.