АктуелноСтав

Класната поделба и експлоатација се сведува на полова спротиставеност

Текст на Љубомир Цуцуловски.

И НИЕ ЖЕНИТЕ… Цел ден се изнаслушав како жените биле дискриминирани, маргинализирани, недоволно платени или недоволно застапени во многу значајни сфери од општеството. Меѓутоа, никаде не се постави прашањето колку жени се застапани во рударството и дали навреме рударите/рударките примаат плати. Не слушнав колку жени работат како ѕидари и дали како омамено-опијанети птички од летната жештина (на температура од 40-на степени) паѓаат од скелињата; ниту разбрав колку жени се вработени во високоценетите и одлично платените работни места во градска канализација, по стовариштата и ѓубриштата, како и по клоаките на животот воопшто. Едноставно, класното, општочовечкото прашање, беше сведено на полова поделба и спротивставеност – на мажи и жени, при што се добиваше впечаток дека првите уживаат на сметка на вторите.

На тој начин, она суштинското, битното, живото-одлучувачкото (класната поделба и експлоатација, без разлика на половата или било која друга припадност) се потиснува и на прво место се поттура секундарното, второстепеното, последицата. Едно време, кога гласно се говорело и пишувало за класната поделба, се пеело: „И ние жените, Тито си го сакаме!“ Дали било правилно, не знам. Но, знам дека ова што денес се прави е замаглување на човековото систематското девалвирање на обична ствар. Поинаку и не може да биде таму каде што профитот е на преден план, а човекот сведен на р е с у р с! Што значи, на сировина која треба да се обработува, користи, да носи некому радост и наслада, додека самото тоа (човечкото суштество) во тој процес на пружање наслада другому, страда.