„Поплава“ на текстови за поддршка за отворање на рудникот Иловица
Текстот е превземен од МЕТА.мк
Скопје, 7 март, 2019 – 16:44 (META) – Текстови со еден ист наслов и содржина, во кои исти личности од струмичките општини Ново Село и Босилово зборуваат за тоа дека сакаат да се отвори рудникот за бакар и злато Иловица бидејќи тоа, наводно, „било добро за економскиот развој на нивниот крај“ денес синхронизирно осамнаа во повеќе македонски медиуми.
Концесионер на Иловица е компанијата „Еуромакс рисорсис“.
Според текстот и кажувањата на граѓаните, „се работи за голема инвестиција, која ќе овозможи нови вработувања и развој на овие општини и регионот“ но и дека „им веруваат на студиите за влијанието на рудникот врз животната средина“ во кои, наводно, се тврди дека „рудникот нема да влијае на животната средина и дури ќе ги подобри условите и ќе ги заштитат водите и животинскиот свет“.
„Мета“ побара коментар од агенцијата која ги застапува „Еуромакс рисорсис“, но оттаму ни беше кажано дека не се работи за ПР кампања туку дека „медиумите известувале од собир на граѓани“. Сепак, не можеа да одговорат каде се одржал собирот, ниту како е можно сите медиуми да излезат со идентични наслови и исти текстови.
На неодамнешната средба на премиерот Зоран Заев со жителите на струмичките населени места блиску до локацијата на неотворениот рудник Иловица, организирана токму поради повеќекратните протести и реакции на незадоволството на локалното население тој изјави дека нема да се дозволи отворање на рудник со цијаниди и други опасни материи.
Граѓаните од Ново Село и Босилово, заедно со поширокиот струмички регион, изминативе години и преку локални референдуми се изјаснуваа против отворањето на големиот рудник за бакар и злато Иловица и им порачуваа на властите дека не сакаат потенцијални загадувачи во својата животна средина. Тие му дадоа масовна поддршка на Социјалдемократскиот сојуз на локалните избори 2017 година, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев во предизборието вети дека во југоисточна Македонија „ќе нема рудници“.
Пред десетина дена, неколкумина еко-активисти, кои ги предводеа протестите и отпорот кон рудникот Иловица, добија опомени пред тужби од страна на правните застапници на концесионерот на Иловица, „Еуромакс рисорсис“, за нивните јавно искажани ставови против компанијата. „Да го сменеа барем насловот“, ја коментира серијата текстови Крум Велков, еколошки активист од Струмица, кој ја доби опомената од адвокатите на „Еуромакс“.
– Како поранешен новинар, се срамам од вакви медиумски гротески. Дно. Вистинско ширење на опасни лажни информации, базирано на изјави на 2-3 граѓани, со којзнае каква заднина, додека огромното мнозинство граѓани се против рудникот – вели Велков.
Тој смета се работи за обид да извршат јавен притисок врз владата пред конечната одлука за рудникот.