Секое чудо за три дена, седум чуда за еден ден (II дел)
Во стил на претходната објава со ист наслов, следи еден напореден пресек на акциите на буржоаската тројна оска СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ и соодветните реакции на нив.
- За прослава на новата година ќе бидат потрошени половина милион евра. Елки, концерти и украси ќе бидат искористени за перење пари собрани преку даноци од граѓаните, од кои повеќе од половина имаат пониска плата од 250 евра. Традицијата на трошење пари од кое работниот народ фајде не гледа се вкоренува во нашето општество подлабоко и од самата традиција за прослава на новогодишните празници.
- На бројните приватизации не им се гледа крајот. Во тридецениската распродажба на јавните и државните добра, само еуфезмите се променија, а играчите остануваат исти. Распродажбата на брзата помош ќе биде проследена со комплетна либерализација на енергетскиот пазар, која што низ земји од Европа се одрази со речиси двојно зголемување на цената на струјата.
- Студентите од Тетово протестираат со низа на барања на кои Владата најверојатно ќе остане глува без неопходната радикализација и идеологизација на секое движење кое претендира да го измени општеството.
- Очекуваната амнестија се изгласа во собранието, покажувајќи уште еднаш дека никоја нема да „си лежи” и дека „парите нема да ги вратат”. 95 пратеника ги заборавија меѓусебните „разлики“ и се помирија. Спроведувањето на уставните промени ќе продолжи глатко, а народот ќе остане гладен и ќе гледа како негови пари се трошат за атлантски интеграции.
- Никиликс Димитров е, црно на бело, Западен играч. За неговиот заштитен статус како доушник на американската амбасада, медиумите и власта остануваат во голема мера неми. Само релативизациите на неколку ФБ ботови е присутна, но не доволна, за да го актуелизира настанот. Секако, остануваат актуелни заплашувањата за руското влијание во Македонија, а се игнорира фактот дека СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ се сервилни на Западот.
- Власта повторно удри по пазарџиите, носејќи закон кој што го криминализира чесниот труд на многумина сиромашни работници. Коалицијата ДУИнг бизнис уште еднаш ни покажува во чив интерес работи, лицемерно забранувајќи на хонорарците, вработените и пензионерите да бидат и пазарџии.
- А нашите шарени „револуционери” молчат. Секако, сето ова не е под нивна надлежност. Нивната „револуционерност” ја штедат за времето кога ќе треба да се помачат СДСМ да остане на власт. Во меѓувреме, тие што станаа пратеници гласаат „независно“, министрите си молчат и караванот си врви.
Останува полувистинита познатата шарена максима. Правда нема. А мир?