Порнографија наместо Политика
Жестока критика на луцидната левичарка Фрида Батистели, член на уредувачкиот колегиум на еден американски магазин, која ги стресе псевдо-револуционерните кругови ширум светот. Во целост ви ја пренесуваме нејзината кратка, но провокативна колумна „Порнографија наместо политика“…
Несомнено е, драги мои, дека три е поголемо од два. Но, политиката повеќе прилега на алгебра, одошто на аритметика и уште повеќе на виша математика, одошто на нижа. Всушност, денес, во услови на светска економска криза, сите стари форми на социјалистичкото движење се наполнија со нова содржина, па затоа и пред цифрите се појави нов знак – „минус“. Но, некои наши мудреци и интелектуални левичари упорно продолжуваат да се уверуваат и себеси и другите дека минус три е поголемо од минус два!?
А ние, пак, знаеме дека умен не е оној што не прави грешки. Такви луѓе нема и не може да има. Умен е оној што не прави многу суштествени грешки и што умее лесно и брзо да ги поправа. Затоа, победата на грчката „Сириза“ е лекција по историска дијалектика, лекција по сфаќањето умеењето и вештината да се води политичка борба. А таму, на теренот, не може да се победи ако не научиш правилно да настапуваш, но и правилно да отстапуваш. Затоа револуционерните партии треба да се доучуваат! Правилна тактика на комбинирање на легалната работа со задолжително искористување на „институционалните патишта“. Комбинирањето на легалните и илегалните, парламентарните и вонпарламентарните форми на борба се суштина за успешна општествена промена.
Оттука, да се негираат компромисите „принципиелно“, да се хејта секоја допуштеност на компромиси воопшто, какви и да се тие, е детинштина којашто е тешко дури и да се земе сериозно. Политичар кој сака да му биде полезен на револуционерниот потенцијал треба да умее да ги оддели конкретните случаи. Оти има компромиси и компромиси! Треба да умееме да ја анализираме ситуацијата и конкретните услови на секој компромис или на секој вид компромиси.
Еве, на пример, замислете си дека вашиот автомобил го запреле вооружени бандити. Вие им ги давате парите, документите, колата… На тој начин се ослободуватеод нив. Компромисот несомнено е на дело: „Do ut des – Ти дадов, за да ми дадеш“! (ти ја дадов колата и парите, за да ми ја дадеш можноста да си отидам жива и здрава). Но, тешко дека би се нашол таков човек кој ваквиот компромис ќе го прогласи за „принципиелно недопуштен“ или лицето кое направило таков компромис би го прогласило за соучесник на бандитите, оти нели тој ги обезбедил со пари и со кола. Затоа, ние треба да се учиме да го разликуваме човекот кој им дал на бандитите пари и оружје за да го смали злото и да го олесни нивното фаќање, од оној кој им дава на бандитите пари и оружје за да овие прават зулуми меѓу народот и за да учествува во делбата на хоштаплерскиот плен! Се разбира дека во политиката тоа ни оддалеку не е секогаш така лесно како во детски простиов пример. Но, оној што би сакал да измисли за работничката класа таков рецепт што би давал однапред готови решенија за сите животни ситуации или којшто би ветувал дека во политиката на револуционерниот прекаријат и пролетеријат нема да има никакви тешкотии и никакви замрсени ситуации, тој би бил просто шарлатан.
Во левичарските кругови јас насетувам сè посилна наклонетост кон филозофскиот идеализам и мистицизам, како потслон на контрареволуционерни настроенија. Но, историјата веќе се има пошегувано со овој опортунистички џган и ги има натерано опортунистите од една земја да ги антиципираат опортунистите од други земји. Овие „револуционери на фразата“, кои на трибините б’здат со својата речитост и начитаност, всушност, се робови на предрасудите на ситнобуржујската демократија!
Малосопственикот т.е. ситниот буржуј, разочаран од лагите на капитализмот, лесно поминува во наводна крајна револуционерност, но е неспособен да пројави владеење со себе, организираност, дисциплина и упорност. Овој ситнодушест буржуј „побеснет“ од ужасите на капитализмот – тоа е една општествена појава својствена, слично како и анархизмот, на сите капиталистички земји. Непостојаноста на таквата револуционерност, нејзината бесплодност, својството да се претвора брзо во покорност, апатија, фантастика, дури и во бесен занес по оваа или онаа буржуаска помодарска струја, сето ова се чини дека е општопознато.
Но, на сите мора да ни биде јасно дека само со авангардата не може да се победи! Да се фрли само таа во решителниот бој, додека целата класа т.е. широките маси не зазеле позиција барем на благонаклона неутралност кон неа и на потполна неспособност да го поддржуваат нејзиниот противник, би било не само глупост, туку и политичко злосторство. А, пак, за да може целата потлачена класа, сите оние угнетени од капиталот, да дојдат до таква позиција, за тоа драги мои не е потребна само пизма, пропаганда, агитација… За тоа е потребен сопствен политички опит на тие маси!
Затоа сега, особено во Јужна Европа, насекаде се чувствува приближувањето на големата бура. Во сите класи – вриеж и подготвување. Прераснувањето на економскиот штрајк во политички, а на политичкиот во востание. Уништување на оној дух на ситничаво филистерство и трезвено политикантство. И тука, во овој историски пресврт, да си ги врзуваме однапред рацете, да му кажуваме отворено на непријателот кога и каде ќе војуваме со него – тоа е глупост, а не револуционерност. Затоа, вие „интелектуални левичари“ не истоварувајте го своето инфантилно доктринерство врз масите!
текстот е превземен од Ленка