АктуелноЛокално

„ИГМ Трејд” најави топилница сред Кавадарци, Кавадарчани започнаа со петиција против

Петиција насловена „Не за тешка индустрија во Кавадарци” беше најавена деновиве од страна на граѓанското здружение „Еко живот“. Иницијативата призлезе после барањето до Советот на општина Кавадарци од страна на бизнисменот Илија Гечев за пренамена на земјиште од Г2 во Г1, со што би се овозможило изградба на објект од тешка индустрија во градското подрачје.

Акцијата за собирање на потписи започна пред седум дена и истата ќе трае дваесет и пет дена. Граѓаните ќе може да го дадат своето мислење и поддршка на еден од штандовите кои ќе бидат поставени во централното градско подрачје. Еден штанд ќе биде поставен пред библиотеката Феткин, а друг штанд ќе биде поставен на самиот плоштад.

Целта на петицијата е да се направи притисок врз локалната самоуправа, како и врз градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, да не се дозволи пренамена на замјиштето од Г2 во Г1 и реализација на оваа инвестиција, чии последици врз животната средина би биле катастрофални. Досегашната практика во земјава покажува дека ваквите индустриски проекти предизвикуваат неповратни штети врз почвата и водните ресурси, како што е случајот со топилницата во Велес, каде земјоделските производи се уште се сметаат за токсични и забранети за исхрана.

Антропол и претходно пишуваше за контроверзната компанија „ИГМ Трејд” чиј сопственик е Илија Гечев. Оваа компанија стана позната во јавноста поради катастрофалните услови за работа, каде еден работник го изгуби својот живот, но исто така и поради цензурата која ја објави Снежана Лупевска за вршени притисоци да не биде објавена дел од емисијата КОД кој се однесува токму на работењето на оваа компанија. Тогаш Лупевска изјави:

,,Вечерва се соочив со уште еден притисок кога бев информирана дека новата епизода на КОД нема да биде објавена во целост. Во емисијата ги прикажуваме трагичните судбини на двајца работници. Едниот од нив умрел во фабричката хала кога го згмечиле котури, а другиот останал без двете раце при повреда на машината на која работел. И двата случаи тапкаат низ судските лавиринти со години. Александар е мртов, а Христијан е без рака, но се надева на вештачка за која во моментов нема финансиски средства. Почитувани пријатели, од етички, морални, но пред се човечки причини, решив, и покрај можните последици за мојата кариера и работа во телевизијата, на мојата ФБ страница да ја објавам целосната емисија, со првиот прилог, така како што беше направена и таква каква што требаше да ја погледнете. Јас останувам на страна на вистината и искрено се надевам и верувам дека оваа емисија ќе допре до сите вас и заеднички ќе им помогнеме на семејството на Александар, на Христијан.”

Досега институциите не објавиле разрешница на ниту еден од овие случаи.

 

Цензурираниот дел од емисијата „КОД”