АктуелноИнтернационално

73 години од Хирошима

На денешен ден пред 73 години е извршен еден од поголемите воени злостори во модерната историја. Првата атомска бомба беше искористена врз Хирошима, а три дена подоцна уште една врз Нагасаки. Труман, тогашниот претседател на САД, ја одобри оваа акција со изговорот дека на тој начин ќе се забрза конечното завршување на Втората светска војна.

Резултатот од овој одлучен и „херојски“ потег беа 237 000 цивилни жртви, дел директно од експлозијата, дел како резултат од нејзе. Од бомбардирањето на Нагасаки бројот на жртвите стига до 80 000. САД никогаш не призна одговорност за настанот, ниту пак смета дека ваквиот чин бил погрешен. Напротив, ова до ден денес во модерната пропаганда се’ уште се претставува како „победоносниот“ удар кој го донесе крајот на Втората светска војна. Но реалноста е сосема различна. Една од важните работи е фактот дека фрлањето на атомските бомби во голема мера не предизвика  капитулацијата на Јапонија, туку служат само како изговор за императорот да може да си зачува лице пред народот кој го лажел дека ќе ја победат војната со години.

Имено, САД во моментот на одлуката знаела дека има полесни и побезболни начини за завршување на војната. Првиот бил СССР да се приклучи во војната, нешто кое Сталин го ветил со потпишувањето на договорот во Јалта. СССР го почитувал договорот со тоа што на 8-ми Август врши инвазија на Манчурија, територија окупирана од Јапонија. Според многу историчари, ова претставува последниот потребен притисок према Јапонија за да потпише капитулација.

Вториот начин за завршувањето на војната бил дипломатски. Реалноста била дека Јапонија ја губи војната и лидерството го знаело тоа. Тоа што лидерството т.е. Министрите на Јапонија не знаеле како да изведат е дипломатски да извршат капитулација. Проблемот лежел во императорот. Во Јапонската традиција и култура императорот бил еднаков на бог, а во тој момент се одвивале процесите во Нирнберг против раководството на земјите учесници во третиот Рајх. За една земја чија цела традиција и култура била врзана со императорот било незамисливо да се дозволи тој да биде суден во странство како воен злосторник. Во овој случај се што било потребно е ветување дека императорот Хирохито нема да биде суден за неговото учество во војната како воен криминалец и Јапонија, според сите внатрешни документи од тоа време, ќе капитулирала по дипломатски пат. Ова и онака се случува, Хирохито не само што е ослободен од судење, туку и останува на власт по војната.

Во голема мера, бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки е резултат на внатрешното натпреварување кое се појавува помеѓу САД и СССР за позиција кој ќе претставува водечка сила во светот по војната. Затоа и за многу овој брутален акт се смета за почетокот на „студената војна“.