Цензура за новинарите, слобода за газдите
Илија Гечев е сопственик на ИГМ Трејд од Кавадарци, компанија која е олицетворение на капиталистичкиот стереотип. Неплатеното прекувремено работење и лошите услови за работниците само делумно ја доловуваат сликата за оваа компанија, во која поради штедењето за опрема, веќе едно момче го загуби својот живот, а друго својата рака.
Апологетите на неплатениот труд и на „трампата“ помеѓу условите за работа и профит нечесто напоменуваат дека без остварениот профит, компанијата би пропаднала и работниците би останале и без таа работа која што ја имаат и им е недостоинствено платена. Истите тие апологети, кога зборуваат за општеството, најчесто се занимаваат со апстрактни категории на општеството, кои ги нарекуваат „слобода“, „демократија“, „транспарентност“ и сл. – категории чие постоење, според нив, е предусловено од либералната економија. Во меѓувреме, не успеваат да забележат дека тие слобода, демократија и транспарентност одамна постојат, но само за една капиталистичка класа.
Секако, самите концепти на слобода, демократија и транспарентност се далеку од апстрактни, и токму Илија Гечев го конкретизира недостигот од нив во нашето општество, не во корист на гореспоменатите апологети. И причината за нивниот недостиг не е немањето на либерална економија, туку напротив, слободата која либералната економија им ја овозможи на оваа класа на газди.
Станува јасно каде одат парите од профитот на компаниите ако се погледнат многубројните донации на сметките на партиите и колку се троши на нивни предизборни капмањи. Јасно ни е на сите кој може да си дозволи да донира толкави суми на пари. Во Кавадарци, јавна тајна е дека Илија Гечев ги спонзорира и двете најголеми партии во Македонија, што му нуди заштита, без разлика кој победува на изборите. За него, а и за нас, е сеедно кој е на власт, бидејќи двете партии ќе се потчинат на неговиот капитал.
Така, неодамна, според Лупевска од ТВ Телма, врз телевизијата бил извршен притисок од страна на Гечев. Дел од нејзината емисија КОД била цензурирана – делот во кој биле наведени факти против Илија Гечев. Институциите до кои се обратила, како што вели таа, не успеале да ја обезбедат слободата на медиумот, што и воопшто не е толку зачудувачки. Проблематичен е фактот што ваквата постапка на институциите не е зачудувачка.
Власта не може да не се потчини на крупниот капитал, бидејќи ќе ги изгуби своите ценети донатори, што е поразително за една партија во денешната билборд „демократија“. Законите што ќе ги носи таа секогаш ќе бидат во насока на овозможување поголема слобода за приватните компании, а тие неколку „пропусти“ на законот ќе се „поправат“ со класичната глувонемост на институциите. Без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ е на власт. Гечев ова го знае и многу добро го злоупотребува.
Работниците, во една ваква поставеност на нештата, немаат слобода. Демократијата за нив не е моќ да владеат, туку моќ да изберат која партија подобро ги искористила рекламните средства. Транспарентноста ја имаат, но од обратната страна, бидејќи тие се транспарентни пред институциите и крупниот капитал, додека тие се нетранспарентни пред него. За работниците, овие толку ценети концепти остануваат апстрактни, без разлика што и да се каже и кој и да го каже, а Илија Гечев е само уште еден во низата примери што го покажуваат тоа.
Сегментот од емисијата на КОД кој бил цензуриран може да го погледнете тука.