АктуелноЛокално

Од работничките за работничките!

На 9 март, Социјалниот центар „Дуња“ го организираше првиот настан во рамките на „Недела на Работничките“ – серијал од настани кои го ставаат акцентот на работничкиот карактер на Денот на жената, карактер кој е се почесто игнориран во јавноста. Насловен како „Сегашни и идни борби – од и за жените работнички“, на настанот дискусија водеа три долгогодишни активистки.

Кристина Ампева е активистка од „Гласен Текстилец“. Својата борба за правата на текстилните работнички ја води и за време на 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и сега, за време на владеењто на СДСМ. Корумпираноста на синдикатот ја натерала да се бори преку невладината организација „Гласен Текстилец“. Низ годините, таа има наидено на многубројни препреки (легални и помалку легални), но тоа не ја спречува и понатаму да е гласна. Последните неколку денови таа се ангажира околу протестите на работниците од Веибо, кои си ги бараат неисплатените плати од странската инвестиција која што се затвора. Самата присуствуваше на маршот во Скопје на 8 март, за кој беше критички настроена околу изборот на времето во кое се одржа маршот. „Оние поради кои започна 8 март – не беа присутни на вчерашниот марш, тие беа на работа“, вели таа. Меѓу другото, таа критички беше настроена кон новиот закон за минимална плата, поконкретно кон ставката во законот за нормиран учинок, за која што вели дека поголемиот дел од јавноста молчел.

Билјана Петровска Митревска е активистка од „Национална Федерација на Фармери“. Во своето излагање, таа акцент стави на работничките од руралните заедници и на кооперативите. “Ако сакаме посериозно да ги развиеме кооперативите на жени во руралните средини – кога тогаш ќе дојдеме во судир со откупувачите. И ќе биде тешка борба, бидејќи во оваа земја власта ја држат богатите. Богатите ги финансираат нашите политичари и ништо дури самите не се кренеме.”, вели таа, а притоа напомена дека традиционалните семејни вредности претставуваат голема препрека во борбата на жените во руралните заедници. Самата таа ја истакна и лошата позиција во која се наоѓаат работничките од текстилната индустрија, за кои претходно говореше Ампева.

Марија Џонс е членка на политичката партија „Левица“, активистка и кандидатка за градоначалничка на град Скопје. Во јавноста стана позната пред три години, кога на протестите на хонорарците громогласно изјави дека „ние живееме во еден реален свет во кој еден гаден неолиберален капитализам е целосно распојасен“, додавајќи дека „во нашата приказна, на преживување, на несигурност, некогаш има, а некогаш нема, сега сe повеќе и сe почесто ќе нема“. На дискусијата, таа потенцираше дека газдите ја имаат можноста правно да се информираат, најмувајќи многубројни адвокати кои наоѓаат дупки во законите за работни односи, додека работниците најчесто не се информирани како да ги искористат и оние малку права кои ги имаат. „Необразованоста околу работничките права е огромна; ко да сме во црн среден век. Тоа создава страв кој ја гуши солидарноста.”, вели таа, и повика на понатамошна соработка помеѓу активистките, не преку стапување во „лојална“ коалиција, туку преку консултирање и заедно дејствување по прашањата за кои во иднина би имале заеднички став. Уште еднаш потенцирајќи во колку ужасен капитализам живееме, таа напомена дека законот за работен однос често се менува и ги намалува работничките права, а газдите често ги отпуштаа вработените кои се вработени со постари договори и вработуваат нови, во чии договори тие ќе имаат помалку права од претходните вработени.

Од понеделник продолжува „Неделата на Работничките“ во Социјалниот центар „Дуња“, овој пат со настан на кој ќе се чита проза од феминистки, како што се Роза Луксембург, Клара Цеткин, Александра Колонтаи и сл. Настанот е од отворен карактер, што значи дека сите заинтересирани можат да пријават текст на нивниот ФБ профил и да го читаат таму. Доколку сте во можност, не го пропуштајте овој настан, бидејќи борбата на жената работничка не почнува и завршува на 8 март, туку трае секој ден!