Макрон сака да го врати задолжителното служење војска
Задолжителното служење војска во Франција беше укинато пред две децении. Сегашниот претседателот на Франција, Емануел Макрон, уште во својата предизборна кампања напомена дека сака истото да го врати, наведувајќи дека тоа ќе инспирирало патриотизам и социјална кохезија во државата. Министерот за одбрана, Флоренс Парли, пред половина месец изјави дека служењето војска „најверојатно нема да е задолжително за младите луѓе“, што потоа беше демантирано од еден портпарол на претседателот.
Ако нешто не учи надворешната политика на Франција низ историјата е тоа дека Африка функционира подобро кога Франција има помалку војска. Колкава игнорантност и да покажува Макрон кога станува збор за Африка, непобивлив факт е дека голем број африкански држави биле колонии на Франција. Повеќето од нив до денес се економски зависни од неа, а неколку земји се уште плаќаат и колонијален данок на Франција.
Тоа што денес е „постколонијално“ време (на хартија) не треба да не теши дека Франција не би интервенирала воено за да си ги исполни своите интереси. Во 2011, како дел од НАТО пактот, француски војски влегоа во Либија. Либија до ден денес не е стабилизирана од таа воена интервенција, а населението на Буркина Фасо ја обвинува воената интервенција како причина за настанувањето на многубројните црни пазари во регионот.
Франција е империјалистичка земја, која во земјите во кои ја надмина колонијалната политика, води нови, не помалку штетни, неоколонијални политики. Прогресивноста и стабилноста која што ја има Франција внатре (не во совршена мера, но поголема од повеќето земји) ја остварува на сметка на оние земји кои неа и се економски потчинети, а се генерално од африканскиот континент. Последното нешто што една ваква земја треба да го има е повеќе војска и попатриотски народ, спремен да војува во името на „разумот“ и „цивилизираноста“, кои според Макрон, недостасуваат во земјите за кои му одговара да вели дека недостасуваат.