АктуелноЛокалноСтав

Што мајка барате во политика?

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Деновиве излегоа изјави и од претседателката на ДОМ, Лиле Поповска (aka македонскиот Амди Бајрам) и претходно од вицепремиерот, Кочо Анѓушев, дека нивната подршка кон претходната власт била резултат на закани.

Лиле Поповска беше со години дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и тврди дека тоа се должело, барем по 2013година (претходно наивно им верувала во искреноста) на заканите за наводно монтиран судски процес против нејзиниот зет. Прво што боде очи е зошто баш нејзиниот зет? Од снимките, а и од праксата на ВМРО-ДПМНЕ, познато ни е дека тие удираат често по најтесниот круг на семејството, па зошто тогаш не бил монтиран случај против нејзиниот сопруг или пак нејзината сестра директно? Нејзиниот зет, Перо Јосифов, бил уапсен, според Поповска, бидејќи бил член на раководството на ДОМ. Иако во ДОМ има многу членови што се искрени борци за животната средина, ДОМ е несомнено корумпирана партија. Тие учествуваа и самите, преку нивните советници и пратеници, во носење на одлуки на штета на екологијата и општото здравје. Во поинакви услови, т.е. кога ДОМ би била навистина зелена партија, членувањето на зетот на претседателката во тесното раководство не би било сомнително. Не е ништо чудно луѓе кои се во слични услови да имаат слични ставови. Но, крајната непринципиелност на ДОМ остава простор за сомнеж за непотизам.

Кочо Анѓушев, сегашниот вицепремиер за економски прашања (патем, непостоечка функција), во 2015 година, во периодот кога започнуваше Студенсткиот Пленум, изјави дека „Нема криза за успешните и храбрите“! Тој преку неговите бизниси добиваше тендери од власта на ВМРО-ДПМНЕ која видовме на каков начин ги доделуваше. Соработката е очигледна. Сега, кога е во власта на СДСМ, Анѓушев обвини дека бил рекетиран од ВМРО-ДПМНЕ, кои наводно му ја изгасиле хидроцентралата 4 месеци поради технички пропусти со документацијата на еден столб од далекувод. Прво, ако навистина имало проблеми со документацијата, како требало да постапат органите на една правна држава? Хипотетички, се разбира, бидејќи Македонија никогаш, а сигурно не со ВМРО-ДПМНЕ, не била правна.

Да ги споредиме со претходни политички лидери на овие простори. На пример, Киро Глигоров и Јосип Броз Тито. Врз Киро Глигоров беше извршен обид за атентат со автомобилска бомба, а врз југословенскиот претседател се извршени повеќе обиди за атентат. Можеби е и корисно да се напомене дека над починатиот кубански претседател, Фидел Кастро, се извршени над 1000 обиди за атентат од страна на американската разузнавачка служба. Но, не видовме ниту еден пат тие за тоа јавно да се лигават ниту пак да го користат како изговор за било која нивна политичка одлука.

И Лиле и Кочо земаат плата како професионални политичари. Нивната ЕДИНСТВЕНА работа е, или барем треба да е, политиката. Јас, лично, работам како програмер и морам тоа да го познавам. Сум член на Левица па поради тоа потребно е да имам познавање и од политиката. Другари од Левица работат како водоводџии, доктори, наставници, правници, земјоделци и така натаму. Тие мораат да имаат познавања од своите професии и дополнително од политика. Кочо и Лиле, како државни функционери, имаат должност да имаат познавање од политиката и тоа треба да е поголемо од нашето. Дали не знаат за војните, убиствата, корупцијата и сите зла што се случувале и се случуваат на политичкиот план? Ако не знаат такви основни вистини, што мајка бараат во политика? Ако пак знаат, а не се спремни на тоа, ШТО МАЈКА БАРААТ ВО ПОЛИТИКА?

Гораст Муратовски