Приведени четворица демонстранти
На денешниот протест (29.07) против интеграцијата на Македонија во северноатлантската алијанса (НАТО) и против презентацијата на воена опрема од страна на војници од САД, четворица демонстранти беа лишени од слобода. Како една од причините за апсењето беше посочен и транспарентот кој протестантите го носеа со себе, на кој стоеше натписот „против војните за профит“, кој, според МВР, претставувал говор на омраза. По половина час, протестантите биле пуштени на слобода.
На самата презентација на воена опрема, за чие што време се одржуваше протестот, дозволено беше луѓе да се сликаат со оружјето на војниците на САД. Војниците им дозволуваа и на децата да бидат во контакт со оружјето, без надзор, како што може да се забележи во долната галерија.
[Best_Wordpress_Gallery id=”6″ gal_title=”Анти-НАТО протест”]
Протестот, кој беше мирен по природа, наиде на голем број пречки уште на самиот почеток. Од Комунистичката Партија на Македонија (организаторите на овој протест) велат дека МВР се обидела да го спречи неговото одржување.
Нејасно е зошто и врз основа на кои законски одредби МВР се обидела да не дозволи да се одржи мирен протестен собир. Имено, според Уставот на Република Македонија, правото на мирен собир е загарантирано, а според Законот за јавни собири (член 2-а) истото може да се одржи на секое место освен до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните; до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив; и на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај. Дополнително МВР има право да го прекине собирот (член 6) единствено доколку истиот е насочен кон: загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните; вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон; загрозување на животната средина; и кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот. Собирот на дваесеттината граѓани очигледно според горенаведените членови не е во спротивност со Законот за јавни собири, па оттука се поставува прашањето кој е мотивот за недозволување на овој собир.
Приведените изјавија:
Правото на живот во мир е едно од основните човекови права. Правото на слободно изразување на сопственото мислење и правото на мирен протест, исто така. Против агресорски војни сме. Против профитирање од убивање и мачење на луѓе. Постојат многу неетички типови на профитирање, но заработувањето од несреќата, злоупотребата и свирепоста врз луѓе е на самиот врв.
Слушнавме дека во центарот на Скопје американска војска ќе изложува оружје и ќе им го покажува на граѓаните на Македонија пред Порта Македонија. Меѓу нив имаше и деца. Малолетни деца со насмевки на лицата седеа во хермелините и врз тенковите. Се гледаше од нивните лица дека се воодушевени од оружјето. Гледавме ужаснати додека малолетни деца го држеа пушкомитралезот врз тенкот. Глетката беше бизарна во најмала рака. Првично се обидовме да се приближиме до тенковите и да го истакнеме нашиот транспарент на кој пишуваше „Против војните за профит“. Кордон полиција нè запре на стотина метри од тенковите и не ни дозволуваше да продолжиме понатаму, иако пропушташе други граѓани. Образложението беше: „Имаме таква наредба“. Попусто се обидувавме да им го цитираме Уставот, законите, да им објасниме што значи правото на мирен собир и дека како граѓани на Македонија тоа право го имаме не само на хартија. Барем би требало да го имаме. Полицијата во Македонија веќе долги години, иако по дефиниција е заштитник на законите, во практика е нивен најгруб злоупотребувач. Не ни беше целта да се конфронтираме, ниту да бидеме агресивни. Решивме да се повлечеме и да го истакнеме транспарентот од вториот кат во ГТЦ. Целта ни беше мирно да го изразиме својот револт. Бевме дваесеттина. Не го држевме платното ни неколку минути кога по скалите нагоре се затрчаа десетина полицајци, од зад нас дојдоа уште во цивилка. Нè обиколија и со извадени пендреци и спремни за напад, грубо приведоа четворица од нас. Образложението? „Транспарентот ‘против војни за профит’ е говор на омраза“. Не нè однесоа во станица. Нè задржаа отприлика половина час и нè пуштија со „предупредување“. Ваквите фашистички тактики не ни се непознати. Долги години дпмне неприкосновено владееше применувајќи ги. А нели сега требаше да има промени? Нели сега „ќе има правда, ќе има мир“?
Во прилог можете да ги проследите видео записите и сликите од приведувањето на демонстрантите кои беа доставени до редакцијата, а чии сниматели сакаат да останат анонимни.
[Best_Wordpress_Gallery id=”7″ gal_title=”antinato”]