Етика во политиката

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Дали постои етика во политиката? Иако е можеби тешко дури и да се помисли на такво нешто, на одделни места низ светот блеснува по некоја искра надеж. Човештвото се дави во плитко, а спасоносната сламка ја гледа во парите, престижот и моќта. Токму моќта е еден од најголемите непријатели на етиката; човекот заслепен од сите можности кои му се отвораат има сè поегоцентрични аспирации. Колку е помоќен човек, на толку повеќе луѓе им влијае со своите постапки и затоа моќните имаат општествена должност и одговорност да го направат животот во заедницата подобар за сите, не заобиколувајќи ја притоа природата како неизбежен и неопходен елемент во животот на секој човек. Системот на вредности кај поединецот е во вечна спрега со масата. Како вечната дилема со јајцето и кокошката: дали поединецот го креира мислењето на масата или масата го креира мислењето на поединецот? Дали вистинските вредности кај поединецот се производ на и директна последица од погрешните вредности кај масата? Односно, дали ако не постои зло може да постои добро?

Медиумите како современо средство за креирање на јавното мислење се најчесто во сопственост на големи корпорации или се под контрола на партиите на власт, па тие избираат која вест како ќе ја пренесат. Може, на пример, да објават дека се изградени одреден број фабрики, при што се става акцент на работните места и економскиот развој, но не се зборува за шумите што се исекле, за загадувањето што ќе го предизвикаат истите фабрики, за можеби ужасните услови во кои ќе работат работниците итн. Уште пострашни се злоупотребата и искористувањето на животните во многу индустрии што, меѓу другото, има лоши еколошки последици и претставува една од главните причини за светскиот глад. Сепак, злоупотребата на животните ѝ се пласира на јавноста како „нужно зло“ и таа беспоговорно ги голта таквите флоскули. Злоупотребата на медиумите во партиски цели стана секојдневие. Па така, многу често во политиката се пласираат проблеми кои се банални, но ѝ се наметнуваат на јавноста за да ѝ се одвлече вниманието од вистинските прашања. Се зборува за двојазичност, а горливите проблеми во секојдневието – највисока стапка на сиромаштија во Македонија од осамостојувањето наваму, целосно деградираната и крајно штетна по здравјето животна средина, бесперспективноста за младите – прашања кои и тоа како ги засегаат сите, остануваат на маргините во дебелата сенка на етнонационализмот, горивото на манипулираната маса.

Несоодветното водење на државата се состои и од лажните ветувања што водачите им ги даваат на луѓето. Најтрагичниот пример за тоа е кога кандидатите за претседатели на моќните држави ветуваат мир, а светот не престанал да војува. Од 3.400 години документирана историја само 268 години имало мир. Неверојатно е лицемерието со кое настапуваат некои држави, како Америка, која се декларира како заштитник на светскиот мир, додека на прсти може да се избројат државите со кои нема војувано. Друг интересен пример е Канада, која во Виетнамската војна станала најголем извозник на воен материјал по глава на жител, а која во исто време зборувала за неморалноста на Американците кои таму војувале.

Сепак, низ историјата се наоѓаат доблесни поединци кои го потсетуваат човештвото дека не е сè така мрачно. Мартин Лутер Кинг и Ганди се такви искри, а едно од најновите светила е и поранешниот претседател на Уругвај, Хосе Мухика (2010–2015). Тој со сета своја скромност и величина за време на мандатот им помагал на сиромашните и ги поттикнувал малите бизниси донирајќи околу деведесет отсто од својата месечна претседателска плата од 12.000 долари. Живеел во скромна куќичка и никогаш немал луксузен автомобил, ниту шофер. Дури и кога одел на лекар чекал ред како сите обични граѓани.

На Генералното собрание на Обединетите нации во 2013 година се обраќа со долг говор на тема „човештвото и глобализацијата“. Кажува дека е во Обединетите нации со голема обврска да укаже на сечењето на амазонските прашуми кои се заменуваат со бетон, како и на уништувањето на морињата и големите реки на Амазон. Бара од меѓународната заедница да вложи напори за да се зачува планетата, бидејќи со ова темпо на уништување идните генерации ќе се борат за преживување.

Останува под знак прашалник како било прифатено тоа барање од капиталистичките земји, кои, всушност, се најголемата причина за уништувањето на животната средина. Голема е веројатноста дека имало многу лицемерно дипломатско тапкање по рамо и тврдења од типот дека нешто треба да се направи. Колонијалистичките земји, како што забележува Ноам Чомски, се најголемите експлоататори на природните ресурси и најмалку водат сметка за животната средина. Од друга страна, пак, домородните нации најмногу се грижат за природата и често водат и крвави битки со шверцерите и експлоататорите. Не се проблем само нелегалните уништувачи на природата, туку и легалните, со кои што битката е можеби најтешка.

Мухика, исто така, истакнува пред собранието дека луѓето треба да се насочат кон поедноставен живот. Да се негува пријателството, да постои љубов, солидарност и семејни вредности, наместо главна окупација да биде битката за пари и пазари наметната од оние кои сметаат дека се посреќни ако се побогати, без разлика на начинот на кој се богатат. „Луѓето денес го имаат заменето бестелесниот Бог со Богот на парите“, вели тој. Го спомнува и американскиот консумеризам, кој, ако ги зафати сите луѓе во светот, три планети не ќе успеат да ги задоволат човековите потреби. Говорот го завршува со истакнување на апсурдноста на фактот дека на светско ниво повеќе се вложува во воената индустрија отколку во медицина. Кога различните нации би работеле сложно за подобрување на животот, наместо за профитирање, не би постоеле драстични класни разлики.

Мухика е вистински пример за тоа како би требало да изгледа еден претседател. Тој е народен предводник кој не се разликува од обичниот човек и не ја злоупотребува својата позиција на висок функционер за да има различни привилегии. Сепак, ако работите се гледаат од друг агол, целосната слика за Мухика може да биде и само тоа – слика која ѝ се продава на јавноста за добивање политички поени, и во тој случај етичките вредности што би ги имал претседателот се еднакви на нула.

Состојбата на една држава најчесто зависи од оние кои управуваат со неа. Односно, народот се угледува на своите водачи и ги следи нивните карактерни особини и постапки. Исто така, поединецот во никој случај не смее да ги занемарува вистинските вредности во животот каде што човекот не е туѓинец на самиот себе, ниту на блиските, туку живее во склад со природата заедно со сите суштества. Сепак, тоа е тежок предизвик за поголемиот дел од луѓето кои доаѓаат до високи позиции, бидејќи тие водат грижа само за себе, а не се вложуваат за доброто на сите. Постојат и такви кои искрено верувале во добробитта на заедницата, но со текот на времето почнале да ги задоволуваат само сопствените желби. Предводниците на државите треба непопустливо да наметнуваат еколошки решенија во индустриите наместо да им го отвораат патот на компаниите за брза заработка без оглед на последиците. Само цврстата волја и искрениот стремеж кон праведноста и солидарноста стојат на патот на алчноста, себичноста и погрешните одлуки.

Марјан Калевски