АктуелноЛокално

Пратеникот Јанчев од Левица со донација за настраданите од Кочани – апелира и другите пратеници да донираат

Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, преку својата објава на социјалните мрежи објави дека донирал средства за едно од семејствата настрадани во трагедијата во Кочани, користејќи ја приликата и за да ги повика своите колеги пратеници да го следат неговиот пример.

„Кога даваш милостина, да не знае левата што прави десната, но спремен сум да го носам овој грев – за да ги пресрамам оние кои срам немаат“, напиша Јанчев, додавајќи дека донирал преку платформата „Support Kochani“, избирајќи лице за кое евиденцијата покажувала дека досега собрало најмалку средства.

Пратеникот остро критикуваше дел од своите колеги, наведувајќи дека некои се пофалиле со симболични донации, а други воопшто не донирале, иако, како што вели, „бесрамно ги правдаат високите патни трошоци со наводна добротворност“.

Јанчев нагласи дека пратениците на Левица не користат средства за патни трошоци, ниту за кирија или за посети на изборни единици, ниту, како што рече, имаат бизниси кои би влијаеле врз нивните одлуки. „Бива, само треба малку осет да се има“, поентираше тој.

Во објавата, тој ја отвора и темата за потребата од системски решенија: „Свесен сум дека со милостина ништо не се менува. Државните пари треба да се за болници и лекување, а донации да собираме за папаја и манго во Влада. Па ако собереме – арно, ако не – не мора да јадат.“

На крајот, пратеникот изрази желби за брзо закрепнување на сите настрадани во трагедијата и порача: „Никогаш повеќе вакво нешто да не се повтори!“

Целата негова објава на Фејсбук во продолжение: