Мојсоска: ДПМНЕ ја инсталираше ДУИ во системот
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, остро реагираше на неодамнешните изјави на техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, кој обвини дека „ДУИ оставил руиниран систем“ по 35 години наводна узурпација на институциите. Според Мојсоска, овие тврдења се неискрени и го прикриваат клучниот факт – дека токму ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја овозможи на ДУИ најголемата институционална и политичка моќ во историјата на државата.
„Дали Тошковски пати од амнезија?“ – праша Мојсоска, потсетувајќи дека ДПМНЕ и ДУИ заедно владееја осум години, од 2008 до 2016 година. Во тој период, не само што ја делеа власта, туку и „немилосрдно го делеа пленот од грабежот на државата“.
Мојсоска потсети дека токму во времето на таа коалиција беа амнестирани Хашките случаи, со што ВМРО-ДПМНЕ му овозможи на ДУИ да ги постави на високи државни и политички функции лица поврзани со тешки воени престапи.
„Системот кој денес Тошковски го нарекува корумпиран, е токму оној што нивната партија го создаде и му го предаде во раце на ДУИ“, истакна таа.
Во својата реакција, Мојсоска го отфрли и обидот на ДПМНЕ да ја поврзе Левица со ДУИ, нарекувајќи го тоа „провиден политички маневар за одвлекување на вниманието од вистинските коалиции и злосторнички сојузи“. Таа подвлече дека, за разлика од ДПМНЕ, Левица последователно поднесуваше кривични пријави против високите функционери на ДУИ, вклучувајќи ги Артан Груби и Таљат Џафери.
„Секој обид да се избрише минатото со ДУИ е евтин обид за политичка рехабилитација. Народот не заборава кој ја отвори вратата на мафијата во институциите“, заклучи пратеничката Мојсоска.