Дете нападнато од куче на плоштадот во Битола
Осумгодишно дете беше изгризано од улично куче на плоштадот во Битола. Детето се здобило со повреди на челото и било хоспитализирано, но по лекарската помош било пуштено дома.
Општина Битола реагираше со соопштение во кое изрази жалење по инцидентот. Градоначалникот Тони Коњановски се консултирал со родителите на детето и се информираше дека детето е во стабилна состојба, но дека и понатаму се чувствува исплашено. Коњановски ја потврди подготвеноста на Општината да работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.
„Општината веќе презема мерки за спречување на вакви инциденти. Со координација со Комуналец, ги интензивираме активностите за решавање на проблемот со бездомни кучиња. Овој случај уште еднаш покажува колку е важен долгорочниот систематски пристап“, се наведува во соопштението.
Притоа, тие нагласуваат дека прифатилиштето „Хачико“, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во решавањето на овој проблем.