Исмаил ја обвини власта за лицемерие во однос на Палестина: „Гласаат против резолуции за Газа, а дома глумат солидарни“
Пратеникот од партијата Левица, Реџеп Исмаил, со остра критика кон актуелни претставници на власта објави став на својот профил на „Фејсбук“, обвинувајќи ги за политичко лицемерие и поткопување на поддршката за Палестина.
Исмаил објави три фотографии, симболично поврзани со односот на македонските институции кон израелско-палестинскиот конфликт.
На првата се наоѓа Бурим Биљали, претставник на Македонија во Женева, кој, според Исмаил, „без никакво образложение гласал против резолуциите кои го осудуваат геноцидот во Газа и ги потврдуваат колонијалните и окупаторски практики на Израел во Палестина“.

Втората слика го прикажува пратеникот Муса Џафери, претседател на собраниска комисија, за кого Исмаил вели дека ја блокирал Декларацијата за Палестина предложена од Левица во Собранието.

„Тие пред верниците велат ‘ние веруваме’, но кога ќе останат сами со нивните господари/ѓаволи, сепак велат: ‘Да! Ние сме со вас – со нив само се исмеваме’“, напиша Исмаил, цитирајќи дел од Куранот (ел-Бакара 2:14), со што сугерира дека одредени политичари во земјава дволично се однесуваат по ова прашање – јавно изразуваат солидарност со Палестина, но во меѓународни институции дејствуваат спротивно.
Во третата фотографија, како контраст, Исмаил прикажува историски кадар од лидерите на поранешна Југославија и Советскиот Сојуз во Обединетите нации, како пример за поранешна недвосмислена поддршка за правата на Палестинците и осуда на израелската агресија.

„Следниот пат имајте ги во предвид овие факти кога ќе кудите по Југославија, Советскиот Сојуз и Левица како ‘исламофобични’ концепции“, заклучува Исмаил во објавата.
Оваа критика доаѓа во време кога се засилуваат реакциите на меѓународната заедница поради ситуацијата во Газа, но и кога домашната јавност сè почесто ја преиспитува доследноста на надворешната политика на Македонија по ова прашање.
Досега нема официјален одговор од Биљали, Џафери или Министерството за надворешни работи по обвинувањата изнесени од страна на пратеникот на Левица.
Неговиот статус на Фејсбук ви го пренесуваме во целост: