АктуелноИнтернационално

(Видео)Црвена полумесечина открива нови детали за нападот на амбулантни возила во Газа

Црвената полумесечина објави потресно видео кое ги менува досегашните тврдења на Израел во врска со нападот на конвојот на амбулантни возила во близина на Рафа, Газа. Во видеото се гледа јасно дека амбулантните возила во конвојот имале вклучени ротациски светла и други светлосни уреди, што ги идентификува како спасувачки возила. Ова е спротивно на претходните изјави од Израел, кои тврдеше дека возилата се движеле без вклучени светла, што за војниците било сомнително и довело до напад.

Снимката, која беше пронајдена на телефонот на еден од убиените спасувачи, открива нови информации за инцидентот кој се случил пред околу две недели. Видеото покажува како конвојот амбулантни возила се движи по патот ноќе, со вклучени светла, кога забележуваат возило што излетало од патот. Возилата застануваат за да помогнат, но токму во тој момент започнуваат рафални истрели од огнено оружје.

Нападот резултира со смрт на 14 лица, од кои осум биле припадници на Црвената полумесечина, петмина припадници на цивилната одбрана и еден вработен во агенција на Обединетите нации. Телата на овие лица беа пронајдени во масовна гробница, додека едно лице сè уште се трага. Израелските власти, до овој момент, се уште тврдат дека војниците реагирале на сомнително однесување на возилата, но видеото ја оспорува оваа верзија на настаните.

Во меѓувреме, видеото кое беше објавено од Црвената полумесечина предизвика нови меѓународни реакции, вклучувајќи осуда од страна на глобалните хуманитарни организации и Обединетите нации. Нападот врз спасувачките служби се смета за најголем напад од Израел кон хуманитарните тимови во Газа, а овој инцидент се случува во контекст на обновените напади од Израел во Газа на 18 март 2025 година.

Откако Израел ги обнови нападите на Газа, тој продолжи со блокирање на хуманитарната помош, што според Обединетите нации и други хуманитарни организации, претставува кршење на меѓународното право и употреба на гладот како оружје. Израелските власти велат дека блокадата е неопходна за да се принудат палестинските власти, особено Хамас, да прифатат нови услови за продолжување на примирјето.

Овој настан поттикна нови апели за истрага и за утврдување на одговорноста за нападите на спасувачките служби, како и за прекинување на блокадата на хуманитарната помош која е есенцијална за животот на цивилите во Газа.

Z P

Zvezdanka Pesikj