АктуелноЛокално

Аларм за загадување: Олово, арсен и цијанид во Крива Река – Левица обвинува за прикривање на скандалот

Партијата Левица алармира за еколошка катастрофа во Крива Река, тврдејќи дека излевањето на токсичен рударски отпад од рудникот „Тораница“ претставува директна последица на коруптивната спрега меѓу власта и бизнис-елитите.

Според нив, независни анализи потврдиле високи концентрации на олово, арсен и цијанид во водата, кои претставуваат сериозна закана за здравјето на граѓаните и животната средина. Но, наместо институционална реакција, случајот бил прикриен, а Министерството за животна средина, предводено од Изет Меџити, минимизирало опасноста, тврдејќи дека станува збор само за „заматување на водата“.

Компанијата „Булмак 2016“, која управува со рудникот „Тораница“, продолжува со работа без никакви сериозни санкции, а јавноста бара итна одговорност. Уште поголема загриженост предизвикува фактот што, според достапните информации, управувачката структура на рудникот е тесно поврзана со политички фигури, вклучително и со поранешниот градоначалник на Пробиштип, Тони Тоневски – Тозо, кој важи за блиска личност до премиерот Христијан Мицкоски.

Партијата бара итно разрешување на Тоневски и темелна истрага за неговата улога во загадувањето на реките. Дополнително, Левица повикува на строги казни за концесионерите, предупредувајќи дека доколку институциите не преземат мерки, ваквите еколошки катастрофи ќе продолжат да се случуваат.