Самостојна изложба на Кристина Горовска во КИЦ
Свој инспиративен вовед со наслов „Да се допре светлината: Уметноста и човечкото искуство“ кон изложбата на Горовска напиша Владимир Јанчевски, куратор, теоретичар и истражувач на полето на културата и уметноста.
– Уметноста, како една специфично човечка активност, низ историјата континуирано се трансформирала. Служи и како огледало и како водич, рефлектирајќи ги не само сложеноста на човечкото искуство, туку и нашето постојано преиспитување за тоа како се справуваме со светот. Уметноста ги доловува моментите на трансформација и суптилните промени на свеста што го придружуваат човештвото на неговото патување низ времето. Често, токму преку уметноста, како експериментален простор, ние рационално и интуитивно конструираме рамки за понатамошни промени, поттикнувајќи нè да се разбереме себеси и нашето место во светот – напиша Владимир Јанчевски.
На изложбата во КИЦ-Скопје ќе бидат претставени 23 слики на Кристина Горовска во кои таа вградува динамика помеѓу светлината и бојата, изразувајќи длабоко лична борба за егзистенција наспроти соочувањето со екстремните околности.
– Нејзиното дело е едноставно и длабоко, обележано со концизни композиции и чисти бои, движејќи се на границата помеѓу фигурацијата и апстракцијата. Горовска во овие дела не прикажува само конструирани визуелни сцени; таа пренесува низи од проживеани искуства. Овие слики се кристализирани моменти кои го опфаќаат целиот спектар на човечкиот живот, како што откриваат и некои од насловите: несреќа, загуба, љубов, тага, осаменост, борба и себеиспитување, надеж. Вовлечени да погледнеме низ оваа призма, ние сме сведоци не само на нејзиното лично патување, туку и на една универзална борба на човечката состојба, од медитации за падот и осаменоста, преку закрепнувањето и повторното издигнување, со надежта, кон обновена радост на живеењето – додава Јанчевски.