Левица со реакција по обвинувањата на Мицкоски на барањето на ССМ за 500 евра минимална плата
Докoлку барањата на ССМ не бидат прифатени, Левица ќе биде гласот на народот во Собрание и преку собраниска иницијатива и процедура – барањето за минимална плата ќе биде внесено во собрание, изјави за порталот „Локално” пратеникот Амар Мециновиќ од Левица:
,,Конкретно, за предлогот на ССМ, доколку не биде прифатен од страна на Владата, ние преку собраниска иницијатива и процедура ќе го внесеме нивното барање во Собрание, исто како што ги поднесовме законските измени за патни трошоци за работниците и исплаќање на платите најдоцна до 5 наместо до 15-ти’’ изјави Меценовиќ.
Изземањето на Мицкоски од трипартитниот договор е дел од наративот со кој власта сака да ги дискредитира синдикатите, смета пратеникот од Левица – Амар Меценовиќ.
Според него со креирање на недемократски и подли наративи власта сака да ги исклучи синдикатите од преговорите за повисок минималец на сметка на стопанските комори кои треба да преземат улогата на главен преговарач, потенцира Мециновиќ:
,,Владата наместо да се занимава со креирање на таков наратив треба да го испочитува ССМ како еден од деловите во трипартитниот дијалог и не смее да го сврзува својот политички наратив со тоашто ќе ги дискредитира синдикатите, и ако го земеме во контекст тоа што Мицкоски сакаше да се изземе од трипартитниот дијалог, тогаш со ова сквернавење на синдикатите, кој останува да го диктира темпото на преговорите? Стопанските комори… и тоа е контекстот позади нападите на ВМРО-ДПМНЕ кон нас како партија“ изјави Мециновиќ од Левица.
Ставовите кои одредени економисти ги изнесуваат а се во насока на тоа дека покачувањето од 6000 денари на минималната плата ќе даде негативни ефекти врз животниот стандард на граѓаните за Меценовиќ се своевиден преседан кој има за цел да креира јавен дискурс кој не смее да биде универзален ако се има во предвид дека главните поенти на дискурсот се креирање на хистерија која е во корист на работодавците, а на штета на работниците:
,,Нашата реакција е дека експертите, медиумите, политичарите сите имаат свои интереси во креирањето на јавниот дискурс и тоа експертско мислење не е универзална вистина и е креирање на хистерија која е во корист на работодавците и на штета на работниците” – изјави порпаролот на Левица, Мециновиќ.