Лозарите порачаа: Со најниска откупна цена произведуваат скапи вина, на повидок е криза
Од здружението „Напредни Лозари” денес преку својот фејсбук профил се обратија до актуелната власт на која ѝ сугерираа дека доколку итно и ургентно не се превземат потребните мерки за подобрување на откупните цени на грозјето, на повидок е лозарско – винарска катастрофа во Тиквешијата и пошироко во останатите лозарски региони во државата и крај на лозарската приказна. Во нивниот проглас тие порачаа дека сегашните откупни цени на грозјето во Република Македонија не се најниски во регионот, туку се најниски во целиот свет и истите се апсурдни, ропски и нехумани.
„Се работи за цели три децении обезвреднување на нашиот производ. Со еден толку долг континуитет на обезвреднување на цената на грозјето, се удри директно, прво по достоинството а потоа и по голата егзистенција на производителите на грозје. За овие три децении, грозјето, од производ со еден блескаво висок ценовен рејтинг е доведено на дереџе на една мизерно – ефтина сировина за производство на скапи вина.
Повторуваме и нагласуваме: мизерно – ефтина сировина за производство на скапи вина. Парадоксот е токму тука. Може да се разбере дека од евтина сировина се произведува евтин производ. Може да се сфати и тоа дека од скапа сировина се прави скап производ. Парадоксално и неприродно е од евтина сировина да се прави скап производ. Тука нешто не е во ред. Ваквата аномалија ги доведе производитрелите на грозје на дереџе на економски и за земјата врзани робови што за последици има губиток на мотивацијата на лозарите за унапредување на лозарството и истата води кон урнисување на лозарството.
Од друга страна, сметаме дека оваа аномалија не е случајна туку е намерно, вештачки предизвикана и дотерувана во текот на три децении. Истата преработувачите на грозје и прекупците енормно ги богати а производителите на грозје ги претвара во како што рековме економски зависни робови, поточно робови зависни од земјата, прашината и калта, зависници од милоста на преработувачите и прекупците и на крајот, робови кои не смеат да кренат глава зашто му се заканува гиљотина а со тоа и кршење на рбетот.
Сегашните откупни цени на грозјето во Република Македонија, не се најниски во регионот, најниски се во цел свет. Со сегашните откупни цени се чини невиден зулум врз производителите на грозје. Цените се апсурдни, ропски, нехумани и под секој издржлив минимум и лишени од секаков па и минимален праг на рентабилност. Претходно спомнатата и намерно создадена аномалија отиде до таму, на лозарите да им се откупува грозјето по цени кои се помали од цената на коштање на производството на тоа грозје.”
Во нивниот проглас тие им посочуваат на сопствениците на големите и средните винарии и поголемите откупувачи на грозје за странски винарии и субјекти дека сегашните откупни цени ги уништуваат лозаропроизводителите.
„ Нека појдат лично или нека се интересираат и разгледаат малку по соседните земји и региони, по земјите членки и нечленки на европската унија и доколку сретнат пониски откупни цени за грозје од оние кои како сопственици на капацитетите за преработка на грозјето самите ги креираат, со факти нека ни докажат и ние веднаш ќе се откажеме од нашите понатамошни барања.
И конечно, секоја цена помала од 25 денари за килограм откупено грозје за најевтината сорта со долна граница на шеќерност од 16 шеќерни единици е понижувачки мала и е своевиден зулум врз маката и трудот на секој лозаропроизводител. За високосортните видови на грозје и за трпезното грозје цената не смее да биде помала од 40 денари по откупен килограм грозје.” – потенцираат од здружението и додаваат дека доколку не се изнајде компромис за нивната ситуација, ќе биде пристапено кон радикализирање на нивните барања.