АктуелноЛокално

Вработените во скопските јавни претпријатија најавуваат штрајк

Наместо разрешување на проблемите, локалната и централната власт се во постојани конфликти. Поставувањето на „сопки“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон сопствениот кандидат за градоначалник Данела Арсовска не прекинува. Владата, сакајќи да покаже неспособност на градоначалничката да се справи со градските институции, отежнувајки го работењето на Град Скопје ги остава работниците на цедило.

Не само во ЈСП, хаос има и во останатите јавни претпријатија под капата на Град Скопје. Како последно врие во „Улици и патишта“ каде вработените се подготвуваат за штрајк, додека вработените во „Паркови и зеленило“ исто така се жалат на доцнење на платата.

Гневот кај нив е огромен оти повторно немаат плата. Најавуваат штрајк пред Град Скопје, каде велат дека ќе ја донесат целата механизација. Вработените се жалат дека повеќе не можат да го издржат лошото менаџирање на јавното претпријатие кое тоне во огромни загуби. Вината за состојбите ја лоцираат исклучиво во двоецот Арсовска – Глигоров преку разрешениот директор Ванчо Умленски.

Во писмениот допис до јавноста, вработените предупредуваат дека освен што доцни платата, претпријатието е презадолжено кон добавувачи на материјали во износ од 240 милиони денари. Долговите велат се подмируваат селективно од страна на директорот, односно градоначалничката Арсовска.

Работниците велат дека сметката им е блокирана, немаат основни средства за работа како нафта, ризла, тампон, рабници. Градежните машини и возила се со дефекти и не се сервисираат со месеци. Терминот на штрајкот велат дополнително ќе се утврди.