Левица: Крупниот капитал ги уништува реките и езерата – Министерството за животна средина никаде го нема
Состојбата со водите во Република Македонија под раководството на министерот Изет Меџити достигна алармантно ниво. Оваа витална природна ресурсна база е претворена во поле на еколошки катастрофи прикриени со неодговорни манипулации. Наместо доследно и ефикасно управување сведоци сме на серија на еколошки скандали, што го загрозуваат здравјето на луѓето, екосистемите и локалната економија.
Случајот со поморот на риби во Вардар, предизвикан од загадувањето на Биогасната централа во Градско е само една од трагичните последици од отсуството на регулаторни мерки и мониторинг. Исто така, откриеното присуство на манган во водата за пиење во Гостивар, присуството на фекалии во езерото Младост и неодамнешната катастрофа во езерото Калиманци само го засилуваат впечатокот дека Министерството за животна средина не е способно да излезе на крај со проблемите поврзани со загадувањето на водите.
Очигледно состојбата на водите се наоѓа на дното на листата на приоритети на министерот Меџити. Недоволната транспарентност и отсуството на конкретни активности за справување со проблемите создаваат слика на незаинтересираност, што дополнително ја еродира довербата на граѓаните во институциите. Наместо да спроведе строг надзор, владата преку своите коалициски партнери ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ продолжува со експлоатација на реките, доделувајќи концесии за нови мали хидроцентрали. Ова дивеење за профит на сметка на еколошката стабилност го загрозува водниот биланс и ги уништува природните живеалишта.
Неопходно е итно донесување на нов специјален закон за водите кој ќе го сопре крупниот капитал да ја злоупотребува водната инфраструктура и кој ќе предвиди драконски казни за компаниите што предизвикуваат еколошки катастрофи. Доколку министерството не преземе сериозни мерки и министерот Меџити не се освести за кризната состојба со водите, ситуацијата ќе продолжи да се влошува и ќе ги доведе до точка од која нема враќање.