Актуелно

(Фото) БГНЕС објави изјава каде Божиновска е лично потпишана дека е Бугарка со потекло од татко и мајка

„Изјавувам дека имам бугарска самосвест и бугарско потекло. Ова во 2004 година го напишала актуелната министерка за енергетика и бугарска државјанка Сања Божиновска“, пренесе утрово бугарската новинска агенција, БГНЕС. Барањето според информациите до кои дошол медиумот било поднесено пред две децении и во него таа го изразила своето убедување дека има бугарски идентитет и корени.

-Еден од најблиските министри на премиерот Христијан Мицкоски го покажа своето убедување дека има бугарски идентитет и корени. Во потпишаниот документ на Божиновска не се наведени „економски причини“ или „работа во странство“ како причина што таа ја тврди. Вакви основи за државјанство не постојат според бугарското законодавство. Згора на тоа, во 2004 година, Бугарија сè уште не беше членка на Европската унија. Сања Божиновска добро знаела за постапката, бидејќи покрај мајка ѝ и татко ѝ, и нејзиниот брат Даниел е бугарски државјанин, стои во текстот на бугарскиот медиум.

Според БГНЕС, доколку Божиновска дала лажни информации, тогаш според бугарското законодавство може кривично да одговора.

Пред десетина дена, министерката се огласи на социјалните мрежи по повод изјавата на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова која кажа дека лично ги видела нејзините документи и таму стои дека изјавува дека има бугарска самосвест.

-Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век. Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат. Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари, објави Божиновска.

БГНЕС уште претходно објави дека целото семејство на министерката за енергетика се бугарски државјани.