Левица: Близу 700.000 книги печатени меѓу 2009 – 2019 скапуваат во Министерството за култура

Скоро 700.000 книги од 17 капитални проекти реализирани меѓу 2009 и 2019 г., вредни близу седум милиони евра, скапуваат во Министерството за култура – ова е објавено во Извештај на ДЗР, а во врска со работата на Министерството за култура.

Одговорност за штетата што е нанесена од нерационалното трошење буџетски пари за печатење без немање рационална стратегија за распределба на сите тие вишок 700.000 книги, подеднакво бараме од сите досегашни министри за култура, а посебно од:

  • Елизабета Канчевска Милевска од ВМРО – ДПМНЕ;
  • Роберт Алаѓозовски од СДСМ;
  • Асаф Адеми од Алтернатива – поранешното крило на БЕСА на Африм Гаши…

Овие книги чинат над 6,5 милиони евра, а станува збор за 686.318 примероци, отпечатени во рамки на капиталните проекти: „Ѕвезди на светската книжевност“, „Врвови на светска филозофија, историја, психологија и психоанализа“, „Светско книжевно богатство“, „Антологија на светска поезија“, „135 тома македонска книжевност“ и др.

Исто така, не е извршен ни попис за утврдување на бројот на книги и за условите во кои тие се чуваат. Министерството за култура нема изработено план за нивна дистрибуција. Во услови кога образованието е на најниско ниво, а културата – во мизерна состојба, скапувањето на книги по депоата е жалосно. Библиотеките не сакаат да ги преземат овие книги поради немање просторни услови и поради нерационална претрупаност со книги од истиве едиции.

Левица апелира: Книгите наместо да скапуваат по депоата и подрумите, Министерството може да им ги подари на студентите без надомест, се вели во соопштението на партијата.