Левица најави кривична пријава за Гаши поради Предлог-законот за бранители

Од политичката партија „Левица“ најавија дека ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши бидејќи иако имал можност да ја свика седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, демографија и млади на која треба да се разгледа Предлог-законот за бранители, но дека тоа не го сторил.

Пратеникот од Левица Сашко Јанчев од собраниската говорница во процедурална забелешка рече дека не може собраниска комисија да не разгледа Предлог-закон и дека Деловникот предвидува резервен заштитен механизам со кој претседателот на Собранието мора да свика седница на собраниската Комисија.

Во продолжение следува интегралното соопштение од партијата со изјавата на Димитар Апасиев:

Гаши го крши деловникот со опструкциите на Законот за бранители.

(Изјава на претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев за предлог-Законот за бранителите)

,,Сметаме дека во случајот со законот за бранители спикерот Гаши го крши новиот Деловник. Тука има два моменти: политички и правен.

Правниот момент е тоа дека Гаши еклатантно го крши новиот Деловник и нашиот правен тим размислува да му пушти кривична пријава за несовесно вршење на службата, односно пречекорување на дискрециони овластувања. Затоа што ако внимателно и граматички го читате новиот Деловник, можноста да не ја свика комисијата е само на претседателот на матичното тело, но не и на спикерот. Кај него има Jus cogens обврзувачка норма дека тој е должен да свика, доколку овој во 24 часа не ја свика комисијата и тука нема што да се толкува. Значи тоа е правната одговорност.

Додека политичката одговорност според нас е кај ДПМНЕ, затоа што со ова се покажува зошто не треба партија со двајца пратеници да има спикер. Затоа што за секое вакво чкрипење, вие ќе треба да одите на “бакни рака” кај спикерот и тука политичката одговорност е кај овие 58 пратеници.

Впрочем затоа се донесе и новиот Деловник, за да нема одолговлекување на закони. Но, сега гледаме дека во дослух со спикерот, практично можете да филибастерингувате практично можете кој закон го сакате.”