(Видео) Апасиев до Мицкоски: Отидовте по волна, се вративте стрижени
- Секвенци од говорот на Димитар Апасиев на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија
– На ред е генералната проба за Бугари во Устав, почитувана македонска јавност! Ова ќе ви биде новата реалност. А Вие, почитуван Мицкоски, веќе нема каде да бегате! Вие тука ќе си седите и ќе ја трпите вистинската опозиција, а тоа се овие шестмина арслани таму – вака го започна собранискиот говор денес, пратеникот и претседател на Левица, проф. д-р Димитар АПАСИЕВ.
Обраќајќи се директно кон Мицкоски, Апасиев потенцираше:
– За ова што го направи, почитуван Мицкоски, има македонскиот народ многу мудра изрека: ,,Вие отидовте по волна, а се вративте стрижени!” Ете – тоа направивте. Се чукавте во гради со 58, со 61 – колку купивте: тројца – четворица како на Кванташки, за да дадете спикерско место и да одите кај Африм Гаши на ,,баци рака”, за да ви закаже седница!? Затоа Македонија повторно ќе биде ваша и само ваша, но не – на народот.
Апасиев истакна дека ДПМНЕ прави косоваризација на Македонија.
– Ќе нема парламент во светот на којшто ќе се преседава на македонски јазик! Двојазичните документи за кои вашата сегашна претседателка Силјановска климаше со глава, кога со Мицевски приговаравме зошто ни се даваат двојазично, истата таа пракса ќе продолжи и сега – рече Апасиев.
Лидерот и пратеник, проф. Димитар Апасиев, ги потсети пратениците од ДПМНЕ за лажираниот попис, за којшто собираа потписи, па ги фрлија во ѓубре. Ги потсети за етничката припадност во личните карти на нивниот нов коалиционен партнер, БЕСА… Ги потсети за двојазичните униформи, којшто уште Груевски ги прифати… За вештачките албански паралелки во Велес, во Чашка, во Гази Баба… За кворумџиите нивни кои правеа кворум и гласаа за измените на Кривичниот законик со коишто стотици дпмнеовски функционери гонети од бившото СЈО, сега се слободни граѓани… За културно – забавниот живот кој ДПМНЕ го приреди за време на протестите за Францускиот предлог, додека Урсула им држеше лекции… За широката коалиција со Ковачевски… За саботажата на протестите за Онкологија кога со циркуларка ги отповикаа нивните членови од теренот… За легализацијата на дивоградбите којшто ги одблокираа за да си ги легализираат нивните хациенди…
– Затоа, Вардар не ве пере за срамот што му го нанесовте на македонскиот народ! – поентираше Апасиев.