Проблемите во образованието и како општеството да ги надмине
- Пишува: Ана Марија Митрикеска- Калчева – Магистер по костимографија и наставник по ликовно образование
Освен недоволните финансии, наставниците веќе не знаат и како да се справат со децата. Во образовните програми се наметнати многу работи што не се соодветни за нашиот менталитет.
Едно е да се прават проекти со странски земји, што е одлично за развојот на образованието, размена, усогласување, поттикнување и прифаќање, но друго е да ни се туркаат западни стандарди и правила кои кај нив функционираат- навикнати се на нив и живеат така со децении. Кај нас е потребен различен пристап за постепено да тргнеме нагоре, застанати сме во бездна и многу е важно да се мрднеме од оваа точка на пропаст и рамнодушност. Нормално, потребно е да се споделуваат и користат искуства, проекти, програми од странски држави, но да се прилагодат и усогласат со условите и менталитетот во нашата замја. Со тоа и наставниците ќе бидат повеќе насочени кон постепено и самоволно, а не изнасилено, површно стекнување на компетенции.
Образованието е клучно за развојот на човекот, а со тоа и на целото општество. За да го вратиме напредокот во образованоето треба реално да поработиме на тоа. Ако им се отвори патот и се даде мотивација на тие што се способни и компетентни- навистина можеме да тргнеме напред.
Мотивацијата за напредок и волја за светла и убава иднина се учи од мали нозе, со реално суштински програми, со потреби и знаења кои се прилагодени за возраста на децата.
Зошто никој не ги прашува наставниците, учителите, професорите-какво треба да биде образованието? Па, ние сме тие кои ги изведуваме часовите и се соочуваме со реалните проблеми. Имаме одличен кадар на Педагошкиот факултет, можеби е време да им се допушти ним да ги завршат работите професионално.
Образованието во државата е на работ на комплетен колапс, воопшто не се инвестира сериозно во него, а сакаме да живееме по европски стандарди. Ако сакаме да има европска програма потребни се финансии за да се изведе тоа, а не само да се наметнуваат концепции, постојано нешто да се експериментира и без престан да се менува. Како може да се спојуваат наставни предмети кои немаат допирна точка еден со друг? Згора на тоа, со години нема учебници по одредени предмети: како може, на пр. настава по англиски јазик да се изведува без учебник? Електронскиот дневник многу често не функционира, посебно кога доаѓа време за пишување оценки, системот е скоро секогаш паднат, а се соочуваме и со огромна пренатрупаност и преоптерестеност од админостративни барања.
Наставниците се моментално притиснати од две страни, од страната на родителите и наметнатите, но неприлагодени ставови од странство и од страната на државниот систем, кој како да заборава дека образованието е клучно за развојот на една држава. Со ова се губи и волјата за работа и ентузијазмот за иновативни пристапи. Но, сепак, сметам дека сите наставници се борат, можеби и несвесно, со целото свое битие, за образованието да не ни пропадне во безизлез. Клучна е потребата за сериозно ангажирање на државните институции во доменот на образованието.
Наставниот кадар наместо да се навредува, треба да се поттикнува. Многу често се слуша- наставниците ништо не работат, си одат на одмор со децата итн. Освен работата на училиште и одржување на постојана стабилна ментално/психолошка состојба, и покрај сите проблеми со кои се соочуваме, голем дел од работните обврски ги носиме и дома поради преоптовареност со административни пишувања. Работи кои се потполно непотребни и кои никој не ги ни чита. Арно ама- некој рекол мора! Зошто?
Исто така- кој наставник би сакал на ученик да му предава нешто, свесно знаејќи дека тоа не е за неговата возраст (на пр. на 9 годишна возраст учење за “попис на населението”, “избор за градоначалник”, “мито и корупција” итн). Детето ниту не може да разбере што е тоа, не знае што учи, па со тоа и нормално е децата да не бидат заинтересирани за учење и да израснат со негативен став кон учењето!
Тука не се виновни наставниците, програмите се премногу натрупани и оптоварени, дечињата ментално не се спремни за толку многу и такви информации необјасниви и несфатливи за нивната возраст.
Треба да се сфати и емотивниот аспект, секој наставник гледа, учи и расте генерации и генерации деца, за на крајот да се раздели со нив, па од далеку да слушне во какви луѓе пораснале и да се радува за нив.
Наставник може да се биде само со екстремна љубов кон професијата, таа е бесценета работа, ако не може да работиш со деца и не ги сакаш безрезервно, нема да може ни да издржиш да го работиш тоа. Затоа критиките кон наставниот кадар прават и оставаат навистина лош траг и ефект врз целокупното образование и воопшто понатамошното живеење.
Исто така, од другата страна, од државниот систем има повторно ужасна деградација на наставниот кадар.
Како може да се очекува со вакви мали плати наставникот да биде поттикнат и мотивиран да работи? Потиснати и деградирани од сите страни, со вложен огромен труд, душа и љубов во работата – на крајот од денот немаме ни доволно средства за живеење. Не е потпишан ни колективниот договор, кој и се промени поради немањето воопшто слух за потребите, а со кој по правило линеарно би требало да се зголемуваат и платите во образованието според коефициентот на сложеност, но-леле тоа е премногу за државата! Зошто да се оптеретува државниот буџет и да се инвестира вообразованието? Зарем тоа нема никаква врска со државата и иднината?
Да не заборавиме, во странските држави платите во образованието се скоро на прво место и највисоки, токму поради вложувањето труд и разбирањето за огромната одговорност која ја сноси наставниот кадар. Ова се само еден мал дел од секојденевните проблеми со кои се соочуваме.
Исто, многу голем проблем претставува и тоа што студентите кои завршуваат на престижни универзитети и академии, и во специфични области кои ги нема кај нас, со години не можат да ги нострифицираат дипломите поради долгите и нејасни бирократски процедури. Па, нормално дека тие брилјантни умови по толку малтретирање ќе сакаат да си одат од државата.
Си одат младите, снемува капацитет во државата за таа да може да се придвижи напред и нагоре.
На крај упатуваме апел до новата влада- ги замолуваме нека инвестираат повеќе во образованието и нека послушаат што зборува наставниот кадар бидејќи образованието е клучниот фактор за развојот на децата, на младината и воопшто за иднината на целото општество и целата држава!