Стојчевска: Граѓаните, посебно младите, треба да ја доживуваат библиотеката како сигурно место за креација
- Интервју со Снежана Стојчевска – директор на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, извршен уредник на „Современост“ и автор на шест поетски книги.
Антропол: Вие сте авторка на шест поетски книги. Кажете ни повеќе за нив, за што најчесто пишувате, делат ли слични приказни вашите песни?
С.С. 2012 година ја издадов првата поетска книга „Шеќер по подот“ како дел од едицијата Русалки, во која се јавувам и како уредник. Во 2013 година ја добив наградата „Бели Мугри“ која ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ за необјавена книга на млад автор до 35 години. Така излезе мојата втора книга „Под нулата“, по што следуваа книгите „Модри фантазии“ (2015), „Треба да е лесно“ (2017), „Ќе се завијам во песни“ (2019) и „Празно место“ (2022). Тематски книгите се разнолики, првите книги се со поврзани со Ерос и претежно со љубовна тематика, за понатаму да преминам на филозофски, духовни и помрачни теми поврзани со Танатос, конктетно последните две книги каде говорам за болеста и смртта на родител и како да се продолжи понатаму по таква тешка и трауматична загуба. Иако книгите се тематски различни, мојот поетски глас е препознатлив.
Антропол: Како влијае вашата работна средина на вашиот мисловен и креативен израз? Дали инспирацијата за пишување има шанса да добие време за да се преточи во поезија покрај огромниот работен ангажман?
С.С. Откако сум директор (2 години), за жал, немам многу време и можност да се посветам на моето творештво. Насочена сум кон работата на Библиотеката, кон сите предизвици и убави нешта таму, кон поддршката на другите македонски автори, нивна промоција и доближување до читателите. Една од главните мисии и желби ми е културната јавност, посебно младите да ја почувствуваат и доживеат Библиотеката како свое место за изразување, истражување, сигурно место за креација и мислам дека низ многуте активности што ги спроведуваме, успеваме во тоа. Во денешно време библиотеката како институција не може да си го дозволи луксузот да се бави само со најмување и обработка на книги, туку мора да биде активно и отворено културно-едукативно јадро во општеството. Во тоа се уверив и при посетата на НР Кина и двете големи библиотеки големи во Нанџунг и Шангај. Кина е земја од која може многу да се учи за третманот на книгата, културата и библиотеките како трет простор (по домот и работата). Кнеските библиотеки се лидери во однос на примена на технологијата и градење смарт библиотеки, но и понатаму се неверојатно посветени на значењето на традицијата и минатото. Тоа се темели на кои градат ултрамодерни библиотеки, но не забораваат да ја почитуваат улогата на традицијата и историјата, ниту значењето на позивот библиотекар. Ние како институција, исто така, имаме голема тредиција и голем потенцијал за зачувување на минатото, но и широк поглед кон идинината.
Антропол: Од неодамна се започнати кампањите „Читаме македонски современи автори“ . Од каде тргнува идејата и која е крајната цел?
С.С. Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е мој одговор на една ситуација што ја затекнав кога дојдов во Библиотеката, а тоа е незавидното место на современите македонски автори на полиците и меѓу читателите. Имав впечаток дека владее предрасуда дека ние немаме добри книги и дека сѐ што е добро доаѓа отстрана, колку и да е тоа со сомнителен квалитет, па и со сомнителен превод. Како автор и човек од книжевната сцена се најдов погодена и посакав да го сменам тоа. Оттука тргна кампањата која потоа тимски ја осмисливме, со целосна стратегија, мисија , видливост. Секој месец предлагаме Книга на месецот, Разговор со авторот и Клуб на читатели. Заклучно со мај, ќе претставиме вкупно 16 автори и исто толку дела. Тоа го правиме темелно, стратегиски и многу посветено. Кон крајот на вториот циклус можам да кажам дека имаме одлични резултати. Сите наши настани се одлично посетени, сите книги наидоа на добар прием кај публиката, библиотекарите од пултовите сведочеа и листа на чекање за неколку македонски автори и дела, што досега не се случило. И повторно ќе ја искажам нашата благодарност до сите медиуми, кои будно и несебично ја следат и поддржуваат оваа кампања. Имено, „Читаме современи македонски автори“ е поддршка за домашните писатели, издавачи, но и за македонскиот јазик. Потврда за нашата посветеност е и нагарадата Промотор на читачката култура што токму за Кампањата ја добивме од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на годинашниот Саем на книгата. Кога наградата доаѓа од фелата е навистина нешто големо.
Антропол: Сметате ли дека македонската книжевна сцена заостанува позади европската литература?
С.С. : Не воопшто, напротив, сметам дека високо котира во европските книжевни кругови. Она што ни недостасува е генерална стратегија за промоција, превод и пласман на нашите дела надвор од нашите граници и надвор од македонскиот јазик. И секако поголема промоција пред домашната публика, поголемо почитување токму од македонските читатели, каде што често владее предрасудата дека немаме интересни книги и автори.
Антропол: Како се роди кампањата „Библиотекарот препорачува“?
С.С.: Оваа кампања се одвива на социјалните мрежи за време на летните и зимските месеци, кога немаме многу настани и активности, а сепак сакаме да допреме до читателите и надвор од нашите простори. Препораките се всушност она што нашите библиотекатри од пултовите го прават секојдневно, затоа што тие најдобро го познаваат вкусот на публиката и знаат да направат профил на читател. Овој пат, вреднувајќи и ценејќи ја нивната работа, сакавме тие препораки да бидат видливи и за пошироката публика, што се покажа како навистина успешно и потребно.
Антропол: Како директор на Градската библиотека Браќа Миладиновци ги задржавте традиционалните активности препознатливи за ГБСК: натпреварот „Млади библиотекари“, Литературниот конкурс по повод празникот „Св. Кирил и Методиј“. Колкава е заинтересираноста, а и важноста на овие настани за развојот на македонското културно наследство?
С.С.: Овие настани се дел од постоењето на Градската библиотеката „Браќа Миладиновци“ со децении, а тоа говори за нивното значење, како и за значењето на самата институција. Библиотеката од основањето до денес, не врши само библиотечната дејност, туку е важна и во просветно-културното живеење на Скопје и на Македонија. Јас и мојот тим, со голем пиетет ја продолжуваме дејноста бидејќи е огромна чест, но и обврска да се наследи и задржи традиција долга цели 80 години, колку што догодина ќе слави ГБСК. Овие настани, како и одбележувањето на: Денот на Св.Климент, Денот на поезијата, на литературата за деца, на книгата и авторското право, потоа на Денот на наставата на албански јазик, Денот на Турција, Неделата на детето, Неделата на книгата се само дел од бројните активности што со години се одбележуваат низ нашите бројни библиотеки (18 објекти во Скопје). Тука е и традиционалното претставување на наградените дела од Друштвото на писателите на Македонија, на добитниците на Роман на годината, како и на најголемата поетска награда „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Секоја година прецизно и посветено ги планираме овие програмски содржини и следејќи ги потребите на современите читатели, осоено на најмладите, правиме одредени прилагодувања, осовременувања. Големо внимание посветуваме и на видливоста на Библиотеката и на целокупното наше работење, па оттука е и нашата голема активност на социјалните мрежи. Нешто на што сме особено горди и благодарни е големата поддршка и интерес што медиумите го покажуваат за речиси сите нашти настани.
Антропол: На сопствена иницијатива поднесовте барање за реобнова на библиотеката во Кисела Вода, која е обновена после 11 години. Колку сте задоволни од крајниот исход?
С.С.: Библиотеката „13 Ноември“ во Кисела Вода била отворена далечната 1961 година и на тоа место (Домот за култура) работела цели 50 години, сѐ до моментот кога започна да се гради новиот Дом. Потоа, имаше период на неработење на домот, за веднаш по неговото повторно пуштање во употреба, да се обратиме до општината и на големо задоволство од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и тимот да добиеме позитивен одговор. Така, граѓаните од јадрото на Кисела Вода, после 11 години, повторно добија библиотека со книжен фонд од околу 8000 книги (за деца, сликовници, белетристика и стручна литература). Фондот постојано ќе го дополнуваме и обновуваме, следејќи ги барањата на читателите кои се надеваме дека брзо ќе се вратат во нивната библиотека, но и дека ќе стекнеме нови. Наскоро, во соработка со Домот за културата „Билјана Беличанец“ и со општината, предвидуваме и културни и литературно содржини со кои ќе го збогатиме културниот живот на населбата. Се надевам дека примерот со Кисела Вода ќе го следат и другите општини каде што условите за работа на нашите библиотеки не ги задоволуваат осносвните стандарди, дека ќе ни обезбедат соодветни места за работа, а на граѓаните достапност до Книгата која не е привилегија, туку право на секој човек.
Антропол: Работилницата за креативно пишување, под менторство на писателот Александар Русјаков е активност насочена кон младите. Во која мера оваа иницијатива ги исполни очекуваните цели?
С.С.: Работилницата ги надмина сите наши очекувања! Иницијативата тргна од идејата Библиотеката да биде што поотворена и подостапна за младите креативци, кои токму тука треба да наоѓаат простор и извор на креација. За нив (средношколци и студенти) лани во април и мај организиравме бесплатна работилница за креативно пишување. На почетокот се пријавија дури 30ина учесници, а Работилницата ја завршија половина од нив. Русјаков многу посветено ги водеше низ целиот процес на пишување поезија, проза, драма, филмско сценарио, есеј и слично, па како резултат на тоа добивме одлични творби, кои ќе ги објавиме во книга „Антологија на иднината“, а предвидуваме и мултимедијална промоција во нашиот „Парк на поезијата“ на почетокот од јуни. Од септември е планирано и продолжение на Работилницата со нови креативци.
Антропол: Имаме ли сѐ уште добри автори во Македонија?
С.С.: Секогаш сме имале и имаме, а верувам така ќе биде и во иднина. Потребно е само да ги читаме! Кој, ако не ние?!