Штрајк на 2.000 вработени во Национални шуми
Околу две илјади вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“ од денеска стапија во штрајк со барање за исплата на јануарската плата, платата за февруари, чиј краен рок за исплата е до 15 март, како и исплата на сите додатоци. Одлуката за штрајк на вработените во претпријатието следеше по еднонеделен мирен предупредувачки протест, со најава за продолжување на штрајкот доколку раководството денеска не ги исплати платите.
Ова денеска го порача првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој го поддржа штрајкот на вработените во „Национални шуми“.
„Неиздржливо е во услови на криза и зголемување на трошоците за живот, луѓето кои секојдневно работат да не добиваат плата. Очекуваме раководството да се вразуми, да се одважи и да им исплати плата на вработените, а во спротивно штрајкот ќе продолжи и во наредните денови, сè до исполнување на барањата“,вели Трендафилов.