Замисли си програмер(ка)…
Замисли си програмер(ка). Дур пешачиш накај работа, на памет ти паѓа генијална идеа каква што немало во последната декада. Нешто револуционерно, нешто што ќе ја промени целата индустрија.
И среќен пристигаш на работа, но реалноста тука те мава во фаца. Отприлика знаеш колку пари ти требаат за да ја реализираш својата идеа. Ти не можеш вистински да се посветиш додека ти висат рокови од фирма над глава. Ти требаат и други луѓе, но и тие нема да можат вистински да се посветат, додека работат на друго место. Треба да обезбедиш плати за себе и за останатите, да обезбедиш канцеларија, машини. Ти треба маркетинг, треба да ја пласираш идеата на пазарот, треба да се брендираш, ти требаат мал милион работи кои не се остварливи ако веќе немаш еден тон пари.
И бидејќи немаш еден тон пари, не се нафаќаш да ја реализираш твојата идеа и на кафе пауза ја дискутираш со колегите. Во слободно време и нешто чепкаш, кодираш, open source со надеж дека некој ќе ти помогне. После некоја недела, идеата стига до ушите на твојот шеф или некој друг што има пари да ја реализира или познава луѓе кои може да инвестираат во неа, и веќе слушаш како тој (реално, најголема е веројатноста да ќе биде некое бело маженце) генијален X ја има правата идеа во право време. За да биде ситуацијата поиронична, можеби ти ќе работиш баш за него, баш на тој проект, експлоатиран од човек што ја украл идеата од тебе, со некое ситно процентче акции!
И тоа е приказната на 99.9% успешни стартапи, успешни идеи, на речиси цела Силиконска Долина итн. Но, за среќа, тука се секогаш тие 0.1% стартапи од луѓе кои немале ништо, догурале до негде, па сега или крпат крај со крај во месецот, или некоја поголема риба ги купила, за да продолжи идеата дека е меритократско општеството и дека еден ден ќе успееш, само ако доволно се трудиш, бидеш храбар и ако ја имаш прават идеа.
П.С. Ова е ситуацијата со програмирањето, која што е најплатена професија и ужива најмногу бенефиции во денешницата (и да не е баш на врвот, блиску е до врвот). Кога и во оваа бранша подреденоста на работниците е евидентна, за другите професии не може ни да стане збор дека работниците имаат какви било шанси или права.
Автор: Јован Крајевски