АктуелноЛокално

Во СОЗР на Владата не се даваат фискални сметки, се пие многу алкохол, се пумпаат фактури

  • Анонимно писмо до медиумите и вработените стигна во нашата редакција, во кое се дава краток осврт на состојбите во Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Влада на РМ. Во писмото се соопштува дека угостителскиот сектор во Владата не издава фискални сметки, се патува без патен налог, на владиниот паркинг се паркираат приватни возила, додека вработение кои не ретко се омаловажувани, остануваат да работат прекувремено, како и многу други неправилности кои се вршат од владините функционери. Во прилог ви го пренесуваме целиот текст од писмото:

Состојбата во угостителскиот сектор во СОЗР при Владата на РМ, во последните години на владеење на СДС, е катастрофална! Имено, не се издаваат фискални сметки, не може да се плаќа безготовински (со картичка)… Понатаму, се поставува прашањето каде завршуваат тие пари? Како е можно вработен на ракводно место „организатор“, првично на работа да доаѓа со автобус, а по неполни неколку месеци купува BMW – кола во вредност од 10.000 ЕУР!? На што се должи тоа, за него да има 2 ВИП паркинг места пред Собранието на РМ, а за пратениците и останатите вработени да се снаоѓаат како знаат и умеат!? Каде може да се пожалат вработените за мобингот кој им се врши – малтретирање, омаловажување, пцуење на брачните другари. Истата состојба е и во другите државни објекти: Клуб на пратеници, Влада, резиденција на Претседателот на Републиката.

Како изгледа одење на терен (Охрид, Крушево, Дојран)

Се поаѓа без патен налог, храна не е обезбедена, ноќевањето е неизвесно до вечерните часови (може да се преспие на фотеља или стол), се работи во екстремни услови на повеќе работни места кои не се во опис на работното место, на најразлични позиции, при тешки временски услови. Вработените не добиваат никаква надокната, не постои дневница, а доколку се смилува одговорниот може да добијат слободен ден.

Како е можно, во Влада, одредени луѓе да паркираат приватни возила во гаражата на Влада, а останатите се снаоѓаат како знаат и умеат. На што се должи тој привилегиран статус на одредени вработени – дали ги исполнуваат нивните побарувања (што имаш за шефот, има ли нешто за мене, кога ќе пиеме кафе и т.н.).

Вработените не знаат за работно време, доаѓаат на работа во 8:00 часот, а во текот на денот добиваат различни насоки, да продолжат со работа во Клуб на пратеници, каде остануваат до доцните вечерни часови, дури и по полноќ. Доколку останат прекувремено не добиваат храна, а за одредени привилегирани луѓе следува богат оброк.

Во сите угостителски објекти на СОЗР циркулира многу алкохол, кој формално е „забранет“ во текот на работното време!

Готовината се става во џеб кај организаторите, не се добива никаков документ за евиденција на предадените пари, а потрошената роба се фактурира на Кабинет на Претседател, на министерства, на обезбедување и т.н. И нормално фактурите се троструко набилдани.

Самата комуникација и однос на раководниот кадар према вработените е многу лоша и создава нездрава работна атмосфера – со погрдни зборови, со многу измами, клевети, омаловажување и лична дисквалификација на вработените.

Како ќе ги препознаете нив?

Кога дојдоа беа парталковци, а сега се со HUGO BOSS гардероба. Купија скапи автомобили, трошат пари по кафани и казина, се претставуваат лажно дека се некои функционери. Како пример, возејќи накај Охрид со службено возило со брзина 230км/ч, ги запира полиција, се претставуваат дека се луѓе од Влада и дека имаат службени обврски, а тие се заминати на приватен викенд со луѓе со сомнително и криминално досие во нивно друштво?

Во Клубот на пратеници секојдневно се случуваат неформални ручеци на кои присуствуваат директорот на СОЗР и негови блиски луѓе. Сите намирници потрошени во изминатите 5-6 години ништо од тоа не е евидентирано, а станува збор за скап алкохол (сортни вина, виски старо повеќе години), храна (морски плодови свежо набавени, октопод, лосос и др. риби), бифтеци, дивеч и други егзотични животни.

Ова секојдневно случување, обично после 15:00 часот, за 10 лица, во чие друштво се Б. Маричиќ, С. Лукаревска и други видни владини функционери, затворено од очите на јавноста, кога би се пресметало, би чинело цело богатство за џебот на обичните граѓани кои едвај врзуваат крај со крај.