Јанчев: Циркусот во судството е блесок на партиските кадри и политичко мешање во судството
- Фејсбук статус на Саше Јанчев – Член на Централниот комитет на Левица
Претседателката на Судски совет, Дамева, бара разрешување на судијата Еневер Беџети оти го чувал предметот на Мијалков со прислушкувањето во фиока за да застари. Инаку Дамева е цел живот приправник и стручен соработник во суд. И оп во 2019, време СДС и ДУИ, станува член на Судски совет, а лани и претседател.
А Беџети најпрво бил секретар во Општина Боговиње. За разлика од другиве, пет години работел и како адвокат. Избран е за судија во основен суд за време на ДУИ и ДПМНЕ, а потоа исто во време на ДУИ и ДПМНЕ станува и судија во Апелација. Син му на Беџети неодамна доби диплома од Академија за судии и јавни обвинители во онаа славна клапа на деца и сопружници на политичари, судии и т.н.
И шо се дешава? Се собира екипата во Судски совет и во присуство на претседателката, таа шо е надлежна да претседава, потпретседателот на Судски совет, Сали Адеми, си става точка на дневен ред за разрешување на претседателката Дамева. Гласаат и потпретседателот Адеми констатира дека Дамева е разрешена.
Инаку Сали Адеми си напредува цело време во кариера во време на ДПМНЕ и ДУИ, но цело време од фотелја на фотелја. Нема влезено во судница. И оп, во 2013 станува член на Судски совет. Во 2019, кога власт се СДС и ДУИ, човеков пак е избран за член на Судски совет и заменик претседател.
Ко ова да не е доволно, во играва влегува и странска амбасада со писмо. Сали Адеми ја обвинува Дамева за криење на писмо од америчката амбасадорка во кое и амбасадорката се жали за заташкувањето на предметите.
Ако на некој не му е јасна тежината на лудилото, треба да знае дека станува збор за Судски совет. Тоа е тело кое ги бира, разрешува и контролира судиите на кои општеството им го доверил последниот збор кога е во прашање редот во државава.
Ама не се секирајте, прогресот само шо не дошол.