Односите помеѓу Руската Федерација и НР Кина се на највисоко ниво во нивната историја
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг разговараа за кинеските предлози за прекин на огнот во Украина, додека прикажуваа топло пријателство засновано врз заедничкото ривалство кон западот. Си изјави дека имал искрени, отворени и пријателски разговори со Путин и додаде дека ќе продолжат да се поддржуваат, како што беше случај и во изминатите десет години.
„Кинеско-руските односи отидоа подалеку од билатералните комуникации. Ние сме стратешки партнери“, изјави кинескиот претседател.
Претседателот Путин ја истакна важната улога на НР Кина во барањето на решение и одговорноста која ја презема за надминување на конфликтот во Украина.
„Многу предлози од кинескиот мировен план можат да послужат како основа за решавање на конфликтот во Украина, кога и да Киев и западот бидат подготвени за тоа“, изјави Путин.
НР Кина се обидува да се наметне како миротворец во Украина, а посетата на Си ги нагласува секогаш блиските односи помеѓу Пекинг и Москва. Средбата на двајцата лидери вчера траеше повеќе од четири часа, што само ги потврдува пријателските односи помеѓу двете земји.
„Мојата влада е секогаш за помирување, мир и дијалог. НР Кина е на вистинската страна на историјата кога е во прашање Украина, се води од Повелбата на Обединетите нации и одржува непристрасна позиција“, изјави Си.
Руската федерација и НР Кина потпишаа серија документи за стратешка соработка, што, според Путин, покажува дека односите помеѓу двете земји се на највисоко ниво во нивната историја.