Ќерката на собранискиот спикер Џафери ќе врши надзор на парното во Скопје

Бесиана Џафери Беќири, ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, е избрана во Надзорниот одбор на ЕСМ кое е едно од трите новофoрмирани друштва регистрирани деновиве со кои државните електрани ќе конкурираат за преземање на парното во Скопје.

ЕСМ беше задолжена од владата да формира три нови друштва за производство, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија откако Регулаторната комисија за енергетика и ги одзеде лиценците на БЕГ.

Месуд Јакупи (ИТ администратор), шефот на изборниот штаб на ДУИ во Студеничани, е назначен како директор на ЕСМ снабдување со топлина и доби шестмесечен мандат, а во надзорниот одбор членуваат битолчанецот Петар Петровски, ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Бесиана Џафери Беќири со живеалиште во Чаир и Зорица Гиовска од Гази Баба.

Во ЕСМ производство на топлина за директор е назначен кичевчанецот Златко Пиперкоски, електроинженер кој лани беше разрешен од позицијата директор на РЕК Осломеј со цел да има подобрување на процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза. Надзорниот одбор е составен од Соња Стефановска и Љубчо Кижевски од Скопје и Валбона Халили од Кичево.

Според директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, овие нови друштва ќе превземат вработени од БЕГ покрај тоа што ќе се потпрат на сопствени кадри.