Куба ја зголемува соработката со Мексико и Аргентина
Куба минатата недела ги зајакна трговските врски со Аргентина и Мексико и е отворена за соработка со другите земји од Латинска Америка со цел да го олесни функционирањето на државата поради санкциите и блокадите наметнати од САД.
Хавана беше домаќин на трговска конференција со мексиканските бизниси за привлекување инвестиции и остварување на соработка. Додека пак во вторникот Аргентина официјализираше широк договор за соработка, вклучително и зајакнување на соработката во земјоделскиот сектор помеѓу двете земји.
Трговската конференција Мексико-Куба, која се одржа во хотелот Национал, заврши со потпишување на 12 инвестициски договори во областа на обновливите извори на енергија, текстилот, храната, информатичката технологија и други области. Конференцијата ја отворија претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел и потсекретарот за индустрија и трговија на мексиканската влада, Хектор Гереро.
Владата на Аргентина го официјализираше договорот за соработка со Куба пред се со цел да го зголеми земјоделското производство. Договорите опфаќаат трансфер на технологија, инвестиции и размена на знаење за зголемување на производството на житарици, пченка, ориз, грав, банани и манго.
Заменик премиерот на Куба Хорхе Немо ја посети Аргентина за да го потпише овој договор. На прес-конференцијата тој изјави: „Аргентина ќе извезува знаење и искуство во кубанскиот земјоделско-прехранбен синџир“.