Нема укинување на апанажата – само 16 пратеници гласаа За
„За укинување на апанажата на јавните функционери гласаа само 16 пратеници. Толку е постот.
#ЕпаЧорбаЕпаМакедонче
#ПакДаСиГиГласате“, напиша Димитар Апасиев, претседател на партијата Левица и пратеник.
И пратеникот Борислав Крмов реагираше дека 13 пратеници гласале против предлогот за укинување на апанажата, додека најголем дел од пратениците на власта воопшто не гласале.
Најголем дел од министрите кои што повеќе не се дел од Владата, ги користат функционерски привилегии. Апанажата значи дека ќе продолжат да земаат плата од Буџетот на Република Македонија и по престанокот на нивната функција.
Ставот на Левица, по ова прашање беше: „Наспроти привилегиите кои бесрамно ги користат овие потомци на црвената буржоазија, обичен работник во Република Македонија кој ќе остане без работа, може да зема само 50% од просечната нето – плата која што тој ја земал последната година и тоа под услов, само ако има минимален работен стаж од 9 месеци без прекин или 12 месеци со прекин. Притоа, за да може работникот да земе надоместок по основ на невработеност, треба да се исполнат уште многу други услови, како на пример: работниот однос да не престанал со отказ од страна на работникот, со спогодба, со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работниот ред и дисциплина итн.
Од друга страна, за министрите не се предвидени никакви услови, па така ним им следува 100 % од платата која што ја земале додека биле министри, а за министерување од 24 месеци, законот предвидува можност за земање на апанажа од 12 месеци. Додека пак, едно невработено лице за да земе надоместок по основ на невработеност 24 месеци, потребно е да има работен стаж од 25 години!“.
Од партијата Левица, барањето за укинување на апанажата го објаснуваа и како: „Воопшто не изненадува фактот дека ниту еден од овие министри во време на економска, здравствена и енергетска криза не се откажа од оваа привилегија, затоа што истите се и главни генератори и виновници на сиромаштијата, криминалот и класната раслоеност која владее денес во државата. “