(Видео) Арсовска откри нелегална градба во Чаир: Институциите молчат и покрај бројните пријави
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денес направи вонредна посета на општина Чаир и на лице место откри незаконска градба среде булевар, за која, како што тврди, институциите и натаму не преземаат ништо, иако граѓаните повеќе од шест пати ја пријавиле.
Арсовска се вклучи во живо на својата официјална Фејсбук страница, обвинувајќи за тотален институционален молк и селективност во постапувањето, алудирајќи дека одредени градби остануваат недопрени кога се поврзани со кадри од коалицијата ВЛЕН.
„И брат да му е, ќе постапи. Но, ако е брат од ВЛЕН – тешко“, изјави Арсовска кон Тошковски, алудирајќи на поврзаноста на нелегалната градба со политички интереси.
Според неа, објектот нема градежна дозвола, не се платени комуналии, и се градеше без никакви безбедносни стандарди, директно загрозувајќи го сообраќајот и безбедноста на граѓаните. Таа посочи дека ниту Министерството за внатрешни работи, ниту општина Чаир, предводена од градоначалникот Висар Ганиу, не реагирале на пријавите.
Арсовска повика на итно преземање мерки и почитување на законот без оглед на политичката припадност или поврзаности на инвеститорите, нагласувајќи дека градот Скопје нема да дозволи урбанистички криминал да се шири со молк на институциите.
Случајот отвори нов бран реакции на социјалните мрежи. Од општина Чаир и од Министерството за внатрешни работи засега нема официјален коментар.
Видеото во продолжение: