АктуелноЛокално

(Видео) Мециновиќ до Лабудовиќ: Кој ќе сноси одговорност за енергетскиот колапс на 18 мај?

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на собраниската седница постави сериозни прашања за одговорноста поради големиот енергетски колапс кој се случи на 18 мај, кога половина Македонија остана без струја. Тој директно го праша заменик-министерот за економија, Мирослав Лабудовиќ, дали ќе ги разреши директорите на ЕСМ и МЕПСО поради настанатата ситуација.

Според официјалното образложение, прекинот бил резултат на дефект во регионалната мрежа, предизвикан од мала потрошувачка и големо производство. Но, Мециновиќ оцени дека причината не е во регионот, туку во „нестручност и робување на приватни интереси“, особено со масовното издавање дозволи за фотоволтаици.

„Зошто непрекинато се издаваат дозволи за фотоволтаици? Дали планирате да го приватизирате МЕПСО? И кој ќе ја надомести штетата во домаќинствата од прекинот?“, праша Мециновиќ, додавајќи дека енергетскиот систем е рекордно зависен, а проектите како Чебрен и гасификацијата стагнираат.

Заменик-министерот Лабудовиќ, избегнувајќи директен одговор за одговорноста, истакна дека новото раководство на ЕСМ го наследило претпријатието со долг од 110 милиони евра, кој во време на енергетската криза во 2021 година пораснал на 193 милиони евра, а сега е намален на 90 милиони евра. Тој додаде дека веќе е формирана работна група за проектот Чебрен.

Во однос на прекинот од 18 мај, Лабудовиќ појасни дека според извештајот, прекинот бил предизвикан од висок напон, што се должи на недостиг од потрошувачка, слаб трансфер на електрична енергија и зголемен број на фотоволтаици кои во тој момент не биле активни. Потенцираше дека, за среќа, не била оштетена опремата.

Мециновиќ заврши со оценка дека енергетската политика мора да се фокусира на стабилност и национален интерес, наместо на импровизации и приватни профити.