Нови 16 милиони за патувачката елита на Владата – Народот нека брои денови до плата
Додека пациентите чекаат скршени по ходници, учениците учат во распаднати училници, а работниците живуркаат со минималец, функционерите си резервирале нови 16,5 милиони денари за хотелско уживање – и дома и во странство.
Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) тивко склучила договор со туристичката агенција „Ваикики Травел“ на 6 мај, но јавноста дозна дури денес – кога договорот конечно се појави на системот за јавни набавки. Нарачката тежи 14 милиони денари без ДДВ, односно 16.520.000 денари со данок – пари од буџетот, пари од сите нас.
Што добиваме за тие пари? Апсолутно ништо. Што добива Владата? Нови удобни хотелски кревети, соби со поглед, појадоци на шведска маса, мини барчиња, возможно и СПА третмани – каде и да тргнат. И не, ова не е шега – ова е политички флерт со ароганцијата на елитата која очигледно не може без комфор.
Нема влада во поновата историја на Македонија која толку дрско, толку безобразно, и толку бесрамно се расфрла со јавни пари за свое лично уживање. Патувања со бизнис класа, чартер летови до САД, приватен авион за Будимпешта, сега и хотелски разоноди за уште 16 милиони денари.
Во каква реалност живеат овие функционери? Очигледно не во иста со онаа на луѓето кои не можат да си дозволат ни викенд во природа, а камоли хотелска ноќ. И додека министри и службеници парадираат по дипломатски коридори, ние – граѓаните – сме оние кои го плаќаат секој чекор, секоја просторија, секој перниче под нивната глава.
А кога следниот пат ќе ви кажат дека нема пари за нови болнички кревети, за зголемување на пензии или за бесплатни учебници – потсетете ги на ова: тие имаат и ќе најдат, 16 милиони – но само кога се работи за нивниот комфор.