Левица Битола: Грантот од еден милион евра не е за граѓаните, туку за сомнителни долгови на јавните претпријатија
„Притисокот кон јавноста и советниците од Левица, бидејки се против грантот од еден милион евра е тотална манипулација во јавноста“, наведуваат од Левица – Битола, предупредувајќи дека станува збор за обид да се прикрие длабоката финансиска нестабилност на јавните претпријатија и лошото менаџирање на општината.
Грантот од еден милион евра, што Општина Битола треба да го добие од заемот што државата го зела од Европската инвестициска банка (ЕИБ), формално е наменет за реконструкција на водоводни мрежи. Но, како што укажуваат од Левица, зад одлуката се крие обид за финансиски спас пред локалните избори и избегнување одговорност за натрупаните долгови.
„Од Град, станавме уништена Битола во секој сокак, а тоа е резултат на безкомпасното раководење од страна на општината“, се вели во објавата, каде што се посочуваат и конкретните бројки на загуби:
ЈП „Водовод“ – над 61 милион денари (приближно 987.000 евра)
ЈП „Комуналец“ – 59 милиони денари (955.000 евра)
ЈП „Нискоградба“ – 21 милион денари (340.000 евра)
ЈП „Паркинзи“ – 3,2 милиони денари (52.000 евра)
ЈП „Пазари“ – 2,8 милиони денари (45.000 евра)
Левица предупредува дека, според расправата на последната седница на Советот, од советниците се барало да дадат изјава дека јавните претпријатија немаат загуба, со цел да се одобрат средствата. Тие тоа го оценија како „манипулативна скриена намера“, обид за легитимирање на нерегуларностите.
„Повторно укажуваме до јавноста: Левица нема да поддржи точка на дневен ред каде што не постои проектна документација и образложение од службите од општина Битола за трошењето на граѓански пари!“ – стои во објавата.
Според нив, ова не е поддршка за капитални или инфраструктурни проекти, туку обид за покривање на финансискиот колапс на општината:
„Ова го сметаме како поткуп или спас од економска криза на општината и претпријатијата!“
Советничката група на Левица се позиционира како единствен глас на критика во Советот на Општина Битола, потенцирајќи дека нивната поддршка секогаш била конструктивна кога станува збор за вистински интерес на граѓаните. Но, во конкретниот случај, се сомневаат дека зад грантот стои сериозен обид за маскирање на лошото управување, во пресрет на локалните избори.
„Ниту капитални проекти, ниту водоводни и канализациони мрежи – ова е последен спас пред финансискиот распад на општина Битола.“ – заклучуваат од Левица – Битола.