Мајка на починато дете од Кочани за тајните средби со Мицкоски: „Некрофилски ни забивате секири во грб – а душите како глодари ни ги парчосувате“
Јавноста е потресена од емотивната и гневна реакција на мајка на дете загинато во трагедијата во Кочани, која преку објава на социјалната мрежа Фејсбук остро реагира на, како што ги нарекува, „тајните и селективни средби“ на лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со дел од родителите на загинатите.
Мајката упатува обвиненија за манипулација и игнорирање на болката на семејствата, користејќи силни зборови за да го опише чувството на предавство:
„Родителите сме со име и презиме! Бараме сега јавно да се претстават тие што некрофилски ни забиваат не ножеви, туку секири во грб, а глодарски ни ги распарчуваат скршените души. Дури ни нашите ангели не ни ги оставате да почиваат во мир“, пишува таа.
Во објавата се споменува и неодамнешното патување на родителите во Скопје, при што, како што вели таа, не биле третирани со достоинство и не им била овозможена средба со надлежните. Таа ја критикува и селективноста во комуникацијата со родителите, сугерирајќи дека средбите биле организирани во прикриен и дискриминаторски манир.
„Кога идевме за Скопје, зошто не нè удостоија со средба? Зошто дозволија мајки, медицински сестри, наставнички, професорки, да се враќаат дома во ноќните часови, без одговор, а нивните деца да се несигурни?“, прашува таа.
Реакцијата доаѓа по наводни средби кои не биле отворени за сите засегнати родители, што предизвика дополнителна болка и гнев кај оние кои останале надвор од процесот на консултации и комуникација.
Случајот ја отвора дилемата за транспарентноста и човечкото достоинство во третманот на жртвите и нивните семејства.
