Левица: Откупот на земјоделски производи во слободен пад – време е за оставка на Трипуновски
Опозициската партија Левица со остра реакција до Владата и Министерството за земјоделство, откако Државниот завод за статистика објави загрижувачки податоци за состојбата со откупот на земјоделски производи. Според официјалните бројки, во првото тромесечје од 2025 година, откупот и продажбата достигнале вредност од 5,7 милијарди денари, што е речиси 45% помалку во однос на истиот период лани, кога изнесувале 9,9 милијарди денари.
Од Левица оценуваат дека ова е директна последица на, како што велат, „неолибералната економска политика“ на Владата составена од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, која, според партијата, претставува закана за домашното производство на храна и за опстанокот на македонскиот земјоделец.
„Особено е алармантно што најголемиот пад е забележан во откупот од индивидуалните земјоделци – луѓето што живеат од сопствениот труд. Владата, наместо да ги поддржи, ги турка кон сиромаштија, пропаст и масовно иселување, отворајќи ги вратите за увозни лобија и странски корпорации“, се наведува во соопштението на Левица.
Партијата смета дека актуелната владина стратегија е насочена кон потчинување на земјоделството на интересите на „големиот капитал и увозничките олигархии“, при што македонскиот земјоделец станува „колатерална штета на пазарниот фундаментализам“.
Левица бара министерот за земјоделство Цветан Трипуновски веднаш да поднесе оставка, посочувајќи дека е „неспособен да испорача основни услови за успешно земјоделие“. Партијата повикува на темелна промена на земјоделската политика, со цел враќање на достоинството на земјоделците, заштита на домашното производство и обезбедување прехранбен суверенитет за македонскиот народ.
Целото соопштение во продолжение: