АктуелноИнтернационално

(Видео) Како мајка, како се чувствувате гледајќи убивање на 18.000 деца? – Бонели со жесток напад врз Мелони

Италијанскиот политичар Анџело Бонели, ко-портпарол на Европа Верде и пратеник на Алијансата на Зелените и Левицата (AVS), со емотивен и жесток настап во италијанскиот Парламент, ѝ одржа силна и бескомпромисна лекција на премиерката Џорџа Мелони за нејзиното, како што го нарече, „длабоко лицемерие“ кон страдањата на палестинскиот народ.

Бонели ја обвини Мелони дека одбива да го осуди масовното убивање цивили во Газа и дека ја става политичката калкулација пред човековите права и хуманоста.

„Нема потреба да ми правите гримаси, бидејќи тоа е така. Знам дека ѝ е тешко, но денес беше длабоко лицемерна“, започна Бонели, пред да ја обвини Мелони дека нема храброст да го именува геноцидот што се случува пред очите на светот.

„Истребување, прогон, етничко чистење. Треба да се срамите за ова пред целиот италијански народ. Треба да ви е срам. Ужаснат сум и огорчен од вашето лицемерство“, рече тој, предизвикувајќи тишина и напнатост во салата.

Најсилниот момент од говорот беше повикот до Мелони да се соочи со својата тишина пред смртта на илјадници деца.

„Како мајка, како се чувствувате гледајќи убивање на 18.000 деца? Немате храброст да ги осудите министрите од владата на Нетанјаху, кои велат дека складиштата за храна мора да бидат бомбардирани“, порача Бонели.

Тој директно ја обвини премиерката дека води надворешна политика диктирана од стравот да не се замери на Израел и Вашингтон.

„Поважно ви е да имате моќ, да не се спротивставите, да не го налутите Израел. Да не го налутите Вашингтон. Да купувате оружје од нив и да го продавате на Израел. Ова е лицемерие!“

Во заклучокот, Бонели го постави прашањето што сè повеќе одекнува во јавноста:

„Зошто не зборувате за санкции кон Израел, како што тоа го направивте со Русија? Зошто молчите додека се убиваат деца и немоќни луѓе?“

Со овој говор, Анџело Бонели не само што го испрати најсилниот антивоен апел од италијанската опозиција, туку и го артикулираше разочарувањето на многумина граѓани кои очекуваат нивната влада да застане на страната на хуманоста, а не на страната на геополитичкиот интерес.

Z P

Zvezdanka Pesikj