АктуелноЛокално

„Support Kocani“ со вознемирувачки фотографии од изгореници: Последиците се тешки – институциите мора да реагираат

Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ денеска објави вознемирувачки фотографии од тешките изгореници кај преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“, со цел, како што велат, да ги натераат надлежните конечно да ја разберат тежината на трагедијата и последиците што младите ги носат на своите тела и животи.

Фотографиите, кои прикажуваат сериозни повреди на лицето и екстремитетите, се објавени со предупредување за јавноста, но и со јасна порака до институциите: „Доста беше игнорирање. Овие деца не смеат да бидат оставени сами.“

Од иницијативата потсетуваат дека уште од првите денови алармираат за несоодветните услови за лекување во Кочанската болница, како и за недостигот од системска поддршка за преживеаните. Според нив, рехабилитацијата е долготраен, болен и финансиски исцрпувачки процес.

„Само едно парче компресивна облека, неопходно за третман на изгореници и минимизирање на лузни, чини од 100 до 1.200 евра. Некои деца ќе имаат потреба од пет до шест вакви парчиња,“ предупредуваат од „Support Kocani“.

Тие повикуваат на итна институционална интервенција – не само финансиска поддршка, туку и обезбедување соодветна медицинска нега, психолошка помош и долгорочна рехабилитација за сите преживеани.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март, однесувајќи 62 животи и оставајќи над 200 повредени, од кои голем дел се млади луѓе со трајни последици. „Support Kocani“ останува глас на јавноста и упорно бара одговорност, поддршка и промени во системот.