АктуелноЛокално

Левица Кичево: Урбанистички хаос и небезбедни градби, додека Дехари се корзира низ светот

Локалниот огранок на Левица од Кичево остро реагираше на, како што велат, алармантната состојба со урбанистичкиот хаос и небезбедните услови за живот во градот, во време кога, според нив, градоначалникот Фатмир Дехари „се корзира низ светот“, а советниците удобно седат во фотелји веднаш спроти дивоградбите.

Во нивната реакција, Левица посочува конкретен случај на градба која се изведува на неколку метри од зградата на Општина Кичево – токму таму каде секојдневно поминуваат и општинските функционери, но, според партијата, никој не презема ништо.

Дали при издавање на дозволите за градби обезбедувате минимални услови и сигурност за кичевчани?“, прашуваат од Левица, укажувајќи дека новите објекти „никнуваат преку ноќ“ без елементарно почитување на законските прописи.

Според партијата, за конкретната градба не е поставена никаква ограда за заштита на минувачите, ниту пак постои информативна табла за инвеститорот и учесниците во изградбата – што е законска обврска. Сметаат дека со ова се загрозува безбедноста на граѓаните и се ограничува нивната слобода на движење.

„Дали воопшто некој ја погледнал оваа градба? Дали е извршен било каков увид, надзор или контрола?“ – прашуваат од Левица, барајќи одговорност од локалната власт.

Во завршницата од реакцијата, Левица упатува јавно прашање до градоначалникот Дехари и до Советот на Општина Кичево:

„Ќе престане ли конечно овој урбанистички хаос, со неконтролирани градби на секој чекор и со секојдневно загрозување на безбедноста на граѓаните?“

Z P

Zvezdanka Pesikj